Нема автоматско блокирање сметки на граѓаните заради неплатени комунални долгови

Вонсудската наплата на долговите важи за сметки вредни до 6.000 денари, а за поголемите суми постапка нема да почне пред извршителот да го информира должникот

Вонсудската наплата што се воведе со новиот закон за извршување значи можност граѓаните да ги намират своите долгови во фазата кога тие не се оптоварени со други трошоци. Тоа значи дека компаниите што нудат комунални услуги пред да почнат со постапка за тужење на сметките што ги водат пред нотар или пред суд, ќе треба да се обидат да ги наплатат преку извршител уште во таа рана фаза. Целата постапка пред извршителот би била со занемарливи трошоци.

Како што појаснуваат од Комората на извршители на Република Македонија (КИРМ), со вонсудската наплата ќе се решаваат оние предмети што не го надминуваат утврдениот паричен лимит, и тоа за комуналните сметки за струја, парно и вода до 6.000 денари и за телефон, кабелска и одржување зграда до 2.000 денари.
– Нема веднаш да се пристапи кон блокирање сметка за долгови од комуналните услуги. Задолжително ќе биде предупредувањето пред присилно извршување. Досега граѓаните најмногу реагираа дека не биле предупредени и воопшто не знаеле дека против нив се води некаква постапка. Напротив, кога ќе видеа дека сметката им е блокирана, се информираа каде и за што се тужени. Подоцна за деблокирање на сметката на банката мораа да ѝ платат од 1.000 до 1.500 денари, во зависност од тоа која банка го извршила блокирањето. Дополнително долгот неколкупати беше зголемен. Затоа сега извршителот пред да почне каква било постапка, со покана прво ќе се обрати до должникот, каде што ќе го повика да го плати долгот во рок од 15 дена. Ако долгот се плати во предвидениот рок, должникот нема да има никакви, односно ќе има занемарливи трошоци, во денарска противвредност од само седум евра за извршни дејства за извршителот – велат од Комората.

Вонсудската наплата ќе се применува само за предметите што кај извршителите ќе стигнат од јануари наваму. Старите предмети, кои во извршителските канцеларии се примени до 31 декември 2016 година, ќе се извршуваат во согласност со стариот закон.
За вонсудската наплата Комората на извршители подготви посебна веб-платформа за рамноправна распределба на предметите. Доверителите, односно комуналните претпријатија ќе треба да ги внесат податоците за долговите и лицата што им должат. Комората е должна да му одговори на доверителот и да му посочи извршител во рок од пет дена, водејќи сметка извршителите да ги одредува рамномерно според азбучниот ред во именикот на извршителите и надлежноста на извршителот според живеалиштето на должникот.

Во случај на неуспешна вонсудска наплата на долгови, надоместокот за преземените дејства и материјалните трошоци паѓаат на трошок на доверителот и нив доверителот може да ги најави во постапката за издавање решение за нотарски платен налог во согласност со Законот за нотаријатот. Но трошоците за извршувањето се минимални. Во случај кога должник е физичко лице, извршителот наплаќа вкупно трошоци на име извршни дејства, цена на администрирање и награда во висина од дваесет и пет отсто од наплатениот износ, во кој не влегуваат реални материјални трошоци и данокот на додадена вредност.

НОВИТЕТИ ОД НОВИОТ ЗАКОН ЗА ИЗВРШИТЕЛИ

Скратени роковите за продажба на недвижности

Скратен е рокот за утврдување на вредноста на недвижностите од страна на проценителите од петнаесет на осум дена. Има измени и во однос на огласувањето. Третата јавна продажба повеќе не постои, туку постои рок во кој извршителот по предлог на доверителот може да спроведе непосредна продажба во рок од 60 дена од втората јавна продажба. Тоа значи дека, ако досега постапката можеше да се завлече и до 14-15 месеци, сега тоа би можело да се лимитира на три-четири месеци.

Присилно иселување за максимум 30 дена

Според новите законски измени, скратен е и рокот за иселување на должникот што домува во продадениот објект. Отсега, наместо 60 дена, должникот ќе треба да се исели најмногу за 30 дена. Со новиот закон извршителите добиваат можност да вршат физичка делба. Порано во Законот немаше предвидено процедура за тоа како извршителот да спроведе физичка делба, туку беше дадено само упатство како да постапува во случај на граѓанска делба, а не и на фактичка физичка делба.

Извршителите ќе вршат продажба на предмети од стечај

Извршителите од оваа година имаат можност да продаваат подвижни и неподвижни предмети во рамките на стечајна постапка. Со новиот закон за извршување тие добија нова надлежност со која треба да се олеснат продажбите во рамките на стечаите, каде што најчесто има комплицирани ситуации на стечајни должници што често немаат уредено право на сопственост.

Барање за алиментација ќе се поднесува само еднаш

Децата што добиваат пари од своите разведени родителите преку извршител не треба да поднесуваат ново барање за исплата на алиментација секогаш кога парите ќе доцнат. Со новиот закон за извршување, барањето се поднесува само еднаш и трае сѐ додека децата имаат право на алиментација.
Од Комората на извршители на Македонија велат дека на овој начин процедурата ќе се поедностави за доверителите (децата) или нивните старатели, но ќе биде и поевтина за должниците. Според евиденцијата на 24 извршителски канцеларии, во 19 како должници што не плаќаат алиментација се јавуваат татковците, но кај пет извршители доминираат мајките.
Во Македонија висината на издршката што треба да ја плаќа родителот за детето ја определува судот.

Извршителите електронски ќе комуницираат со Катастарот, Агенцијата за вработување и со МВР

Со новиот закон за извршување важен момент е електронското поврзување на извршителите со сите институции од каде што ќе се добиваат бесплатни податоци, а трошоците на крајот ќе бидат помали. До крајот на април извршителските канцеларии треба да бидат електронски поврзани со сите институции што имаат регистри и јавни книги: Агенцијата за вработување, фондовите за здравствено и за пензиско осигурување, МВР, Катастарот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *