НАСА откри седум планети слични на Земјата. На три од нив може да има живот.

Новооткриените „егзопланети“ може да имаат течна вода неопходна за живот при одредени атмосферски услови, соопшти НАСА, но шансите за наоѓање вода во течна состојба се најголеми кај три кои се наоѓаат во „златната зона“ на нивната ѕвезда. НАСА ги објави своите откритија за планетите на специјална прес конференција во Вашингтон.

„Едноставно сум восхитен од длабочината и ширината на науката која ја работиме тука… За првпат најдовме толку планети слични на Земјата кои кружат околу една ѕвезда. Исто така за првпат успеавме да ги измериме и масите на планетите кои се со слична големина на нашата“, изјави шефот на Директоратот на научни мисии на НАСА, Томас Зурбухен. „Тоа се најдобрите кандидати за понатамошни набљудивања меѓу сите што ги знаеме.. Откритието ни покажува дека наоѓањето друга Земја е само прашање на време. Во оваа приказна имаме еден голем чекор кон одговорот на едно од големите прашања на филозофите, за кое и самите размислуваме, а тоа е – дали сме сами во вселената“.

Посебната вредност на откритието се состои во тоа што првпат има толку многу кандидати кои се наоѓаат во зоната во која може да има живот. Затоа веројатноста барем на некоја од нив да има услови поволни за живот, или дури и живот, е значително поголема, беше кажано на прес-конференцијата.

Според трудот претставен во престижното списание Нејчр, системот е одалечен околу 40 светлосни години, а планетите кружат околу студена џуџеста ѕвезда Трапист-1 (TRAPPIST-1). Три од планетите се наоѓаат во „златната зона“ што значи дека на нив може да има океани, а врз основа на процесот со кој настанале може да се заклучи и дека веројатно имаат и атмосфера. Покрај ова гравитациските сили кои дејствуваат врз планетите ги „масираат“ нивните внатрешности така што го забавуваат нивното ладење. Тоа, меѓутоа, значи дека би можеле да бидат тектонски и геолошки активни како Јупитеровата месечина Ио. Најмалку шест имаат внатрешна густина која одговара на камените планети. Сите наведени фактори заедно се добра причина за претпоставката дека во системот може да постојат услови за живот. Во секој случај, ова е планетарен систем со најголем број објекти кои би можеле да имаат течна вода и живот кој досега бил откриен. Затоа ќе биде многу важна цел на идните астрономски и астробилошки истражувања.

Астрономите уште претходно претпоставуваа дека системите со џуџести ѕвезди би можеле да бидат полни со планети со големина на Земјата кои кружат во збиени орбити што ги прави одлични кандидати за потрага по вонземски живот. Меѓутоа, Трапист-1 е првиот таков систем кој некогаш е виден. Што е најважно, не е многу далеку од нас што би требало да ги олесни истражувањата.

Научниците веруваат дека следната генерација телескопи како „Џејмс Веб“ и европскиот Екстремно голем телескоп ќе овозможат потрага по течна вода, а можеби и живот во системот Трапист-1. Научниците затоа ќе трагаат по можни сигнали дека на планетите има траги од живот, како метан, кислород и озон.

*преземено од: http://www.mkd.mk

http://www.mkd.mk/svet/nauka-i-tehnologija/nasa-otkri-sistem-so-7-planeti-slichni-na-zemjata-od-koi-na-3-mozhe-da-ima

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *