Мурињо: Има многу поети во фудбалот, но тие не освоиле многу титули

avion-kanader

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо, по освојувањето на трофејот во Лига Европа, истакнал дека оваа сезона му била најтешка во кариерата.

Португалецот ја одработи првата сезона во Манчестер Јунајтед, освои три трофеи, но овој последниот му ја спаси сезона бидејќи преку Лига Европа успеа да избори пласман во Лигата на шампионите.

„Крај на една тешка сезона. Целта ни беше преку Премиер лигата да се пласираме во Лигата на шампиони, но сега е најважно дека ја исполнивме задачата и тоа со освојување на оваа титула. Лига Европа е важна за клубот, бидејќи сега ги има сите трофеи на УЕФА. Имавме неколку тешки месеци, но ја завршивме со три трофеи и пласман во ЛШ. Ова е мојата најтешка сезона во кариерата“, рекол Португалецот, кој во блиското минато често со потсмев говореше за Лига Европа, најчесто како за натпреварување во кое не играат најдобрите тимови.

Јунајтед во финалето славеше над Ајакс со 2-0, со головите на Погба и Мхитаријан.

„Игравме паметно и лесно победивме. Бевме посилни од нив. Има многу поети во фудбалот, но тие не освоиле многу титули. Знаевме дека сме подобри од нив, ги искористивме нивните слаби страни. Целосно ја заслуживме титулата“, дополнил Мурињо.

Манчестер Јунајтед наредната сезона ќе се обиде да ја освои Премиер лигата, а со големи амбиции ќе влезе и во Лигата на шампионите. За да ги оствари тие цели клубот ќе мора повторно да потроши многу пари за засилувања.

„Ед Вудворд ја има мојата листа, она што би сакал да го имам во тимот. Има повеќе од два месеци. Тоа треба да го решат тој и сопствениците. Мене во овој момент фудбалот не ме интересира. Сега сум на одмор. Не сакам ниту да гледам меѓународни пријателски натпревари“, заклучил менаџерот на Јунајтед.

Инаку, Жозе Мурињо и Рафаел Бенитез се единствените двајца тренери со титули во Лигата на шампиони и Лига Европа, со таа разлика што Португалецот има по два трофеи во овие натпреварувања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *