Македонија го одбележува Денот на армијата

Денес на Воениот стадион во Скопје по повод 31. роденден на Армијата на Република Северна Македонија се одржа централна прослава на која присуствуваа Претседателот на Републиката и Врховен командант Стево Пендаровски, Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот на Армијата генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски, министри во Владата, претставници на Собранието, високи гости од министерството за одбрана и Армијата, претставници од други државни институции, како и од воено дипломатскиот кор во нашата земја.

По повод 18. Август – Денот на Армијата делегации од министерството за одбрана и Армијата на градските гробишта Бутел положија венци со свежо цвеќе на Партизанските гробишта, и на вечните почивалишта на Претседателот Борис Трајковски, Претседателот Киро Глигоров и генералот Михаило Апостолски.

Во продолжение целосното обраќање на министерката Петровска:

Ви благодарам што сте денес тука заедно да им искажеме почит и благодарност на сите припадници на македонската армија и сите оние кои биле дел од нејзиното создавање.

Создавањето на нашата армија, исто како и создавањето на сите големи работи, не беше процес кој помина лесно и едноставно, без пречки на патот. Но, како нација во сето наше постоење, научивме дека во животот не постојат пречки кои треба да не запрат туку предизвици кои треба да се надминат- предизвици кои можеме да ги надминеме само заедно, доколку се потпреме едни на други, како професионалци, како одговорни политичари, но пред се како луѓе.

Овој ден го одбележуваме во спомен и слава на првиот партизански баталјон „Мирче Ацев“ кој точно пред осумдесет години на овој ден се конституираше на падините на Славеј планина, како одраз на вековниот стремеж на македонскиот народ за државност и самостојност. Баталјонот „Мирче Ацев“ како прва формациска единица од ваков карактер беше првиот симбол и најава на македонската државност која потоа беше потврдена со првото заседание на АСНОМ.

На овој ден и историското наследство кое ни го оставија борците на првиот народноослободителен баталјон, се сеќаваме секој ден, посветено и неуморно работејќи на подобрување и унапредување на одбраната, условите за сите припадници на армијата и нивните семејства, живеејќи во време на исклучителни предизвици. Нивната борба е нашиот аманет, и нивната жртва не беше залудна.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *