Кошарката е игра во која секогаш и секаде победува КК “Баскет-Кам” од Македонска Каменица. Каменичани на гости го “прегазија” и КК “Пиколо” од Кочани

Момците од категоријата М-18 на КК Баскет-Кам од Македонска Каменица вчера на гостински терен пред преполна сала во Кочани одиграа натпревар за паметење. Тие на чело со својот одличен тренерски двоец Горан Даниловски и Јордан Цветановски буквално “го растурија” КК Пиколо во секој сегмент од играта. Тензичниот и “добар за око” натпревар заврши со високи 80:70 за гостите од Каменица. Кочанчани беа надиграни во текот на целиот натпревар и “останаа на колена” против одлично поставената одбрана и ефикасната и тимска игра во нападот на екипата од Каменица. Најефикасни за гостинската екипа беа Александар Тодоров со 16 поени, пред Кире Блажевски со 15 поени и Борјан Панов како трет стрелец во екипата со 14 поени.


Овие дерби натпревари со екипи од Кочани, секогаш имаат посебен шмек и ривалство, бидејќи тренерскиот тим на каменичани, Даниловски – Цветановски доаѓаат токму од Кочани. Веднаш по завршувањето на натпреварот побаравме коментар од главниот виновник за победата на каменичани, тренерот на КК Баскет-Кам, кочанчанецот Горан Даниловски. Тој низ смеа не криејќи го огромното задоволство од слатката победа, емотивно ни одговори:

“Нема поубаво чувство од тоа кога гостуваш дома во Кочани, кога сите до еден на теренот од судии па се до тренери и публика се од Кочани, а победата пред се со тимска игра, ќе ја извојува екипата за која што живееш, екипата на КК Баскет-Кам од Македонска Каменица. Тие момци се моите херои! Тие се мојата гордост!

Имено, Горан Даниловски и Јордан Цветановски преку нивниот личен влог во младинската кошарка се и главните виновници што кошарката повторно е спортот со кој што младите живеат и растат во Каменица.

Резултатите од нивната упорност кон работата и пожртвуваност кон играта и успесите на младите кошаркари се евидентни во секој поглед. Во сите возрасни категории на натпреварување и во машка и во женска конкуренција “газат” се пред себе. Неприкосновени се на теранот во секој поглед. Екипите секое коло со страв го пречекувааат КК Баскет Кам од Македонска Каменица. Од редовите на КК Баскет-Кам веќе имаме 4-5 стандардни првотимци во националните селекции по категории на Македонија, а неколку од нив заминаа да настапуваат во поголеми клубови. Годинава имаат брилијантни настапи во сите натпреварувања, а таргет им е медал во разигрувањата со М-18 кат. каде влезот во “фајанл фор” им е веќе обезбеден.

Младинската кошарка е убава приказна која му се случува на градот, ние во Македонска Каменица треба да ја чуваме и помагаме кошарката, да се гордееме со неа и да и се радуваме.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *