Како да организирате урбан музички фестивал во 10 чекори

  1. Да најдете пари! Им се јавувате на сите другари и пријатели, фирми и компании за кои сте слушнале, на сите установи и институции. Односот дека некој ќе се заинтересира да финансира урбан музички фестивал е еден од илјада. Значи, откажување нема. Треба да свртите само едно десетина илјади бројчиња.
  2. Да најдете простор! Тоа е исто како да барате да ви доделат Нобелова награда за литература, а никогаш ништо не сте напишале. И на крај секако фестивалот ќе се оддржи на некоја полјана, мрачен паркинг или запуштена хала.
  3. Да најдете изведувачи! Колку и да изгледа лесно, ова веројатно е најтешкиот дел. Доколку по некоја случајност стапите во контакт со некоја „ѕвезда“, прво што ќе ве праша е каде е таа „вукојебина“ каде што треба да настапи. По десетдневно натегање со сите, ќе сфатите дека со ангажманот на изведувачите сте го пробиле буџетот и немате пари за понатамошна организација. Повторно се враќате на фаза 1 – вртите едно десетина илјади бројчиња.
  4. Фестивалот мора технички да биде организиран на највисоко ниво! Барате добра опрема, звук, светло, тоалети, барикади, маси, шанкови, обезбедување, персонал. Се! И сигурно барем десет работи ќе ги заборавите.
  5. Реклама! Еден од најбитните елементи, за кој никој не ви дава пари, а за да биде добра рекламата треба да продадете бубрег, панкреас, дебело црво и грклан.
  6. Да се скарате со сите! И со оние што ви помагаат и со оние што не ви помагаат. Со првите зашто се нафатиле со „глава ѕид да бутате“, а со вторите зашто знаеле како е и нејќеле да го буткаат со вас.
  7. Фестивалот може да започне! Се справувате со желби на едно пеесетина луѓе кои настапуваат и едно десетина кои технички го реализираат настанот. Ама започнува!
  8. Чекате публика! Најизвонредниот дел од секоја организација. Ако си помислите дека се ќе биде како што треба, задолжително да ви текне дека постои и турбо фолк. Не сте сами на планетата.
  9. Не спиете и не јадете само два-три дена! Доколку имате потреба од губење телесна тежина, доколку сакате да се откачите од вишок мозок или нервите ви се премногу здрави, организација на фестивал е вистинска терапија за вас.
  10. Се е џабе! Ова ќе си го повторувате стотици пати. Секогаш ќе знаете дека требало да ја донесете Сандра Африка. Ама џабе е. Било и поминало, а вие сте во дупка. Се враќате на фаза 1. Повторно им вртите на сите да ве спасат и им ветувате дека наредната година ќе биде топ. А знаете дека нема да е. Зашто Аца Лукас и Сандра Африка ви се под ниво.

(В.В.Д)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *