И уметноста е врисок: Полноќна Приказна – Бисера Јордановска

 

i457qg8umybu4ofh3eyПолноќна приказна

Среќа е кога образот ќе си го спуштиш на студена перница и мислите ќе си ги освежиш како телото со чаша вода сред лето, а и образот почист ќе ти се стори и товарот од душата во пената пропаѓа што формата твоја ја зазема, на срце пукнато.
Нели усвитена глава гори сè што на патот ќе ù се испречи, па се вртиш немирно низ постела и другиот образ го подаваш да најдеш нова свежина.

Среќа е студенилото во мислите, како бистра вода наутро в лице што ја плиснуваш очи да отвориш, гурилки да измиеш, така и образот на свежина душата ја отвора, па светов чиниш посветол е и полесен за носење на плеќи кога притиска ко тешките црвени јоргани во спалната на баба ми или јамболиите во кои мајка нè завиваше како мумии, та не можеш ни напред, ни назад, само стуткан бараш топлина додека низ уста пареа издишуваш во ноќта камен студена.

Ете така знае да тежи животот и неподвижен да те направи, па да не знаеш на која страна да фатиш од мрежата во која си се уплеткал, а патот еден мора да е – и стоењето во место, и тоа е пат на кој животот ќе те одмине и сите што по пат те сретнале.
Топличко ми ти е, зацапан во комфорот сè додека образот не ти допре студена перница едно утро од нигде никаде, па главата ќе си ја разладиш и ќе ти светне оти не мрдаш, ко устоена вода си во која само болест вирее, ко вирче стоплено од стоење.
А, животот свежина си бара, оти
среќа е чист образ на студена перница.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *