Италија: Лавина затрупа хотел

Лавина затрупа хотел во Италија

Снежна лавина се сруши на хотел во планинска област во италијанската регија Абруцо. Исчезнаа најмалку 30 луѓе, гости и вработени во хотелот.

Лавината се случи неколку часови по серијата земјотреси кои ја погодија Италија, затрупувајќи го хотелот „Ригопјано“ кај Пескара.

Официјални извештаи за жртви нема.

hotelot

Само час-два пред лавината, хотелот на својата Фејсбук страница ги предупреди гостите дека телефонските линии се во прекин поради лошите временски услови. Прекинот на телефонските врски и натаму е во тек, затоа што обидите на спасувачите со гостите да стапат во контакт преку мобилната телефонија не вродиле со плод.

На местото на настанот стасале служба за спасување, пожарникари, локалната полиција и бројни екипи на итна медицинска помош.

hotelot 3

Во овој момент до подрачјето може да се стаса само со скии, затоа што снежните наноси се преголеми за кој било друг вид на превоз.

Градоначалникот на Пескара, Антонио Ди Марко, ја опиша лавината како „грозна трагедија“ и изјави дека хотелот е затрупан со снег.

„Веруваме дека има загинати, но уште чекаме на потврда. Во хотелот имало 20 гости и лица кои таму работеле“, рече тој.

Италијанската агенција Анса јавува дека исчезнале три лица, а други медиуми пак наведуваат бројка од дури 30 луѓе на кои им се губи трагата.

Двајца гости од хотелот, кои во моментот на ударот на лавината не биле во објектот, им изјавија на спасувачите дека во внатре имало најмалку 20 луѓе, плус вработените.

Дополнителни проблеми на спасувачите им претставуваат снежните наноси кои се повисоки од два метра, кои лавината ги нафрлила во околината на хотелот.

hotelot 4

Големите снежни врнежи предизвикале и хаварија на електричниот систем, па во регијата Абруцо околу 100.000 луѓе останаа без струја.

Шефот на цивилната заштита Фабрицио Курсио изјави за Анса дека ситуацијата е исклучително тешка.

„Се соочуваме со проблеми од секој аспект. Ситуацијата е мошне комплицирана. Снег во оваа област паѓа без престанок, а нема да престане ни во наредните часови“, рече тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published.