Историјата на дланка: Даме Груев – легенда на македонското револуционерно движење и борбата за слобода

Деновиве навршуваат 110 години од смртта на Дамјан Груев, македонски револуционер, учител и идеолог на македонската национално-револуционерна борба, кој вечно ќе се памети.

Дамјан Јованов Груев е роден на 18 jaнyapи 1871 година, во селото Смилево, Битолско. Загинал на 23 декември 1906 во престрелка со турските војски.

Образованието го стекнал во Смилево, Битола, Солун, а потоа во Софија и во Белград. Учителствувал во Смилево, Битола, Прилеп, Солун и Штип.

Даме Груев е еден од основачите на Македонската револуционерна организација. Организацијата, основана во 1893 во Солун, во документацијата и изворите често се нарекува и „Тајна“ и „Внатрешна“, па се сретнува и како ТМОРО и ВМРО.

На Смилевскиот конгрес во април 1903, Груев е избран за член на Главниот штаб на Илинденското востание. По Востанието ја поддржува реформската струја во ВМРО која се залага за реорганизација на револуционерната борба.

Неколку месеци пред смртта на Даме Груев, во 1906 година новинар од единбуршкиот весник „Блеквудс Магазин“ ја посетил неговата чета во реонот на Кратово и поминал неколку дена со нив.

Авантурата во Македонија

Груев 1

Шкотскиот новинар претходно цела година престојувал во Бугарското Кнежевство, собирајќи податоци за ВМРО. Потоа, на 6. август, преку пограничниот град Ќустендил, а заедно со неговиот неименуван придружник Англичанец и посредникот – војводата Петар Ангелов, влегле во Македонија под отоманска власт…

– Не ми е целта на читателот да му раскажам приказна исполнета со авантури, туку преку искуството од тие 10 дена и низ разговорите што ги имав со образовани членови на Организацијата, верувам, ќе пренесам еден поконкретен поглед на револуционерната работа во Македонија. Од десетте дена со овие чети научив повеќе за „македонскиот Централен комитет“ (ЦК на ВМРО) отколку од едногодишниот престој во Бугарија, се вели во воведниот дел од написот.

Регуларните „војници на Комитетот“ авторот ги опишува како луѓе облечени во „тешки волнени елеци и со долги волнени чорапи“, а вооружени со револвер, долг ловечки нож, две, три ленти муниција, динамитни гранати и секако – пушката „Манлихерка“.

Така Шкотот ја започнува својата сага за кусата, но плодна дружба со илегалните комитски чети, но и со притаените „селски чети“, како што самиот тој ја нарекува селската „македонска милиција“. Тоа се оние цивилни, полулегални групации, лица кои навидум живеат обичен селски живот, но всушност се доволно вооружени и претставуваат логистичка поддршка на „регуларните“ комити во одредени ситуации. И, секогаш се на готовс.

– Курирската мрежа е еден од најважните елементи на Организацијата. Целта е доставување официјални извештаи и циркуларни писма, брзо ширење информации за местоположбата на непријателските трупи, како и расчистување на патиштата за безбедно движење на чети или индивидуалци кои „патуваат подземно“. Иако нашиот „војвода“ одлично го познава теренот, нашето движење секогаш зависи од куририте, нагласува авторот.

Toчнo се знаат точките во секое село каде куририте се среќаваат за да предадат писмо или да преземат одредена група луѓе и под свое водство да ја однесат до следната точка од зацртаната рута.

Македонските комити, во текот на патувањето, сакале да го однесат шкотскиот новинар и во кривопаланечкото село Конопница, каде што токму тие денови турскиот Аскер извршил масакр врз македонското население, при што биле убиени маж, три жени и четири деца, а ранети уште осуммина.

„Селската чета“ од Конопница побарала помош од војводата Петар Ангелов, кој се наоѓал во соседното село. Тој требало да им укаже медицинска помош на ранетите селани, но Турците тоа не го дозволиле. Селото било под целосна опсада на Аскерот, се вели во статијата.

Груев 4

Првата средба со Груев

Неколку километри понатаму, Шкотот, Англичанецот и војводата Ангелов стигнале до стрмна планина. Ангелов, водач на таа странска „мини-делегација“, рекол духовито, но гордо:

– Сега повеќе не се наоѓате во Турското Царство. Тука горе живее Дамјан Груев. Ниеден Турчин не се осмелува да дојде тука, ние тука имаме своја слободна република. Дури ни даночниците не доаѓаат тука без армијата, а тоа пак, султанот Абдул-Хамид моментно не може да си го дозволи.

По неколкучасовното пешачење низ планината, тие конечно се сретнале со Дамјан Груев – „основачот на Македонскиот комитет“, како што вели авторот на написот.

– Вие сте првите странци тука. Добредојдовте во мојот планински дом, биле првите зборови на Груев.

Куќичката на војводата била прекриена со лозје и опкружена со дрвја, грмушки и градини во коишто се одгледувало грав, пипер, лубеници и житни растенија. Груев ги поканил своите гости внатре. Шкотскиот новинар го опишува „господин Груев“ (така го нарекувале комитите), како зборлив човек, што пак, го изненадило, бидејќи имал чуено за него дека е тешко достапен за интервјуа.

Oткако влегле внатре, седнале крснозе и биле послужени со кафе и млеко, Груев веднаш почнал да го распрашува Англичанецот за политичките состојби на островската држава. Тука, гостинот од Шкотска имал и улога на преведувач.

Сепак, останал впечатокот дека Груев не е како оние македонски егоистични водачи кои секојдневно „позираат“ за светските медиуми, според авторот, најверојатно имајќи го предвид соперникот на Груев – Борис Сарафов, кој тој период често излегувал со свои интервјуа, изјави и фотографии во странските весници.

Првото прашање на шкотскиот новинар, било:

– Што го спречува турскиот баталјон да дојде тука?

Груев: – Ништо. Само што, кога ќе дојдат, нема да нѐ најдат тука. Ако Турците решат да тргнат наваму, ние за тоа ќе знаеме еден ден пред да пристигнат.

Новинарот: – А, тие знаат дека сте тука?

Груев: – Секој турски офицер во Македонија знае.

Новинарот: – Вие оттука управувате со Организацијата?

Груев: – Во Кратово – да. Подалеку – не.

Новинарот: – Мислев, Вие сте врховен водач на Организацијата.

Груев: – Бев врховен водач, но за време на „револуцијата“ (се мисли на Илинденското востание, б.н.). Сега сум претседател на Кратовскиот Округ. Се случи децентрализација, сега го нема повеќе Централниот комитет. Укинавме две работи: тајноста и централизацијата на моќта во една или повеќе раце. Сега секој Округ е административна единица сама за себе, има свој водач и е независен од останатиот дел од земјата. Сепак, ние окружните водачи се собираме за да ја дефинираме генералната насока на дејствување, еднаш годишно, на Конгрес, на којшто секој округ си избира и испраќа свои делегати. Ние имаме моќ да го движиме механизмот на Организацијата, но генералната политика и законите се утврдуваат на Конгресот.

Новинарот: – 3начи, сега секоја чета му припаѓа на својот округ?

Груев: – Секако… Освен во случаи кога се притиснати од непријателот, или слични ситуации што изискуваат обединување на четите.

Понатаму, тој раскажува како искуството ги научило дека никој во Организацијата не смее да биде над своите борци; па дека „терористичките дејствија“ се насочени исклучиво против непријателите и оние кои делуваат против слободата на народот…

Груев 2

Репортажата продолжува со македонските планински пејзажи и со тоа како авторот од Шкотска научил дека, додека е во четата на Груев, мора секогаш да ја носи „Манлихерката“ со себе. По неколку дена, Шкотот првпат го покренал и прашањето околу националноста на четниците…

Имено, како што и самиот вели во статијата, новинарот цела година престојувал во Бугарија. Таму тој период, шовинистичката идеја дека во Македонија наводно живее „бугарско мнозинство“, зема голем замав. Особено странците лесно потпаѓаат под тие шовинистички доктрини.

Така, иако говори за христијани Македонци, кај Шкотот има последици од бугарската пропаганда, па пред четата на Груев, тој го поставува следното прашање:

– Знаеме за грчката и српската пропаганда, за селаните заведени од Грчката црква и од српските агенти. Но, зошто Бугарите се караат меѓу себе?

Одговорот што го добил е недвосмислен и јасен:

– Aкo имa гpчкa и cpпcкa пропаганда, зошто да не постои и бугарска пропаганда? Има и таква. Има бугарски политичари кои се поголеми наши непријатели од Грците и од Србите. Под имињата на доста познати војводи, тие испраќаат чети во Македонија да агитираат за анексионистичката идеја. Ним што друго да им правиме кога ќе се појават, освен да ги избркаме? Та и оние кои се наша крв и месо, ако не нѐ почитуваат, што можеме друго, освен да ги истераме? Тука има место само за една организација, а тоа е народната Организација (ВМРО). Ниту Цончев, ни Сарафов не се избрани од народот, па ако тие само се обидат да дојдат во својство на посредници, а како вооружена сила, ние ќе ги пресретнеме соодветно, со иста мерка.

Тие денови, во четата се приклучил и Антон, револуционер авантурист од Чешка, когошто комитите го викале „брат Антон“. Всушност, тој се вратил од тајна задача што му била доверена, па новинарот од Шкотска во една прилика го прашал:

– Во многу битки ли си учествувал?

Антон: – Нашата цел не се физички пресметки. Организацијата претставува административна машинерија на подземната република изградена како заштитен механизам против турската анархија, а комитските чети се полициски сили на таа република. Ние имаме и свои цивилни судови, во секое село… Месните комитети пак, коишто се избрани од самите селани, претставуваат локални граѓански „влади“.

Новинарот: – Но, што ако војводата ја злоупотреби својата моќ?

Антон: – Не може. Тој одговара пред претседателот на Месниот комитет. Тој не може да му дава наредби, но може да му забрани да доаѓа во селото.

Новинарот: – А, што ако окружниот претседател ја злоупотреби својата моќ?

Антон: – Тој пак, е избран од локалните претседатели, кои се претставници на селанството, и се избрани со мнозинство. На никого не му одговара лош углед.

Груев 5 

Синџирот на омразата еднаш мора да се прекине

Некаде при крајот на неколкудневната дружба со четата на Даме Груев, пристигнал курир со сите подробности околу колежот извршен од турскиот Аскер една седмица претходно, во селото Конопница, којшто сепак бил документиран од странските дипломати. Неколку минути потоа, новинарот му се обратил на Груев:

– Што ќе преземете околу сето тоа?

Груев: – Вие што би презеле? Одмазда?

Новинарот: – Да, така се чувствувам, признавам.

Груев: – И јас така се чувствував. Многу наши војводи дејствуваа водени од таквите чувства и стекнаа лош углед пред светот. Мораме ваквите немили настани да ги оставиме да поминат и да продолжиме со нашата организација. Истиот однос го имаме и кон грчките злосторства. Грчките шпиони ги убиваме како и секој друг шпион, но обичниот грчки народ не го чепкаме.

Даме Груев знаел и бил свесен дека одмаздите само го продолжуваат синџирот на омразата. Визионерот секогаш знае дека тој синџир некој еднаш мора да го прекине.

По два дена четата се разделила со гостите од „островот“, а на Груев му претстоело мисионерско патување низ јужна и источна Македонија…

Имено, со цел – обновување и зацврстување на револуционерната мрежа, Груев отпатувал за Солун, Кукуш, па со своја чета, преку Сер и Дојран, во декември истата 1906 година заминал за Малешевијата. На 23 декември, дружината веќе била во селото Русиново, Беровско. Се сместиле во куќата на Димитар Алаѓозов. Тука се случила кобната заседа од Турците, во која Груев бил ранет и избегал, но по неколкучасовна потера и престрелки – починал.

Груев 3

Неговиот современик Никола Русински, кој бил родум од тој крај, подробно го истражил трагичниот настан. Во своите „Спомени“, тој запишал: „Во крвавата битка прочуениот смилевски даскал, апостолот на македонската слобода Даме Груев ја најде својата херојска смрт“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *