“Здружението за Македонско – Бугарско пријателство” бесрамно бара да се тргне споменик на НОБ кој сведочи за фашистичката бугарска окупација на Македонија во време на Втората светска војна

Плочата од штипското училиште Ванчо Прке да се тргне, бараат од Здружението за Македонско-Бугарско пријателство. Споменикот од НОБ кој 33 години сведочи за бугарската окупација на овој дел од државата за време на Втората светска војна, сега за претседателот на ова здружение Петар Колев, е показател на „идеолошки предрасуди“ и „недостиг на елементарно цивилизациско однесување“.

На плочата која на зградата на сегашното училиште, а некогашен затвор, поставена во 1983 година од страна на Здружението на борци пишува:

„На ова место во злогласниот бугарски фашистички затвор масово се затварани борци-комунисти од 1941 до 1944 година. Во него се измачувани, убивани и масакрирани повеќе борци од НОВ. Во знак на почит кон затворениците-борци за слобода на Македонија плочата ја поставува општинскиот одбор на СЗБ од НОВ. 8.11.1983 г. ШТИП “

Токму овој текст беше спорен за Колев, кој во отворено писмо до Штипската општина, меѓу другото, напиша:

„… Имајки предвид дека коминистичкиот режим е објавен за злосторнички во сите источно-европски држави, вклучувајќи ја и Македонија, убеден сум дека содржината на таквиот текст кој пред се е исполнет со идеолошки предрасуди а не со факти, покажува недостиг на елементарно цивилизациско однесување.

Мислам дека новите генерации не би требало да бидат индоктринирани со стереотипи од комунистичката епоха. Убеден сум дека местото и на Штип и на Македонија е во семејството на Европската Унија, семејство во кое веќе се наоѓа Република Бугарија и која би можела да биде од огромна помош за нашата интеграција…“

Од друга страна, за претседателот на Штипскиот Совет, нејасно е дали со ова, Колев го негира периодот на фашистичкото минато на Бугарија:

  • Доколку Петар Колев се поистоветува со фашистичка Бугарија, која од цел свет е прогласена за фашистичка Бугарија, ние полека го забораваме тоа, но доколку тој се поистоветува со тоа и сака таблата да се тргне, тоа е негов личен проблем. Не гледам дека е чин на добрососедски односи ако ние ги тргнеме спомените од минатото. По тој принцип треба да го тргнеме споменикот на Холокаустот. И ние не ги воспитуваме нашите деца погрешно, туку напротив ги воспитуваме да си го знаат минатото и да знаат што пропатила оваа држава за својата слобода, изјави Влатко Миташев, прет. на СО – Штип.

Што за целата работа, сметата од Здружението на борци, организацијата која ја постави плочата:

  • Непобитен е фактот дека на ова место се наоѓал бугарски затвор во кој биле затворани, мачени, членови на сојуз на комунисти, наши сограѓани и оваа плоча ја одразува историјата на Штип и штипско, изјави Трендафил Атанасовски, прет. на Здруж. на борци – Штип.

Инаку, Штип и неколку општини од Бугарија, имаат долгогодишна и потврдена соработка. Плод на истата се голем број заеднички проекти финансирани од ИПА програмата за меѓугранична соработка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *