Зголемен данокот за некои од прехрамбените производи и пелетите за греење

Им стави европско знаменце на законите од новата даночна реформа, повторно  ги врати во Собранието, но и ги доработи. Освен за луксузна храна, повисоко ДДВ ќе се плаќа и за печките на пелети. Ваква измена претходно Владата не споменуваше.

ДДВ за увоз на пелети, печки и котли на пелети ќе скокне од 5 на 18 отсто.  За печките на пелети до лани државата делеше субвенции. Се зголемува данокот од 5 на 10 отсто и за некои прехрамбени производи.

Но, од Владата нема информација за кои точно станува збор. Во владиното соопштение само е наведено дека тоа е за храна која не се смета за основен прехрамбен производ.  Сепак, има и надолна корекција на ДДВ.

За  менструалните производи  и за дигиталните учебници, ќе се намали од 18 на 5 отсто. Измени има и кај законот за данок на добивка. Се намалува административниот товар на даночните обврзници, но се проширува и даночна база. Со европско знаменце ќе се протурка и данокот за солидарност- со 30 отсто ќе се даночат сите кои лани  направиле вкупен приход од над 10 милиони евра.

ВМРО- ДПМНЕ нема да ги поддржи новите закони од  даночната реформа. Биле штетни за економијата.

Претхдно и бизнис заедницата реагираше на праксата за ваквиот начин на носење на важни закони. Побараа и ако се прави доработка на законите од реформата да бидат консултирани, а данокот за солидарност целосно да се повлече.

Но, владата не го послуша бизнисот. Одлучи данокот за солиданрост да помине по скратена постапка во Собранието, иако стопанствениците  предупредија дека ќе се нанесе штета, и на домашните и на странските компании.

Од најголемата комора во земјава апелираа, наместо да се зголемуваат даноци кои ќе ги погодат токму оние кои ги плаќаат, државата конечно да најде механизам и да ја спречи работата на црно, а сите кои не плаќаат да почнат да го прават тоа.

Инаку, со новата даночна реформа државата планира да собере околу 140 милиони евра, од кои околу 70 милиони  би биле само од данокот за солидарност.

Извор: Телма / Ирена Чачкова

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *