ДРАГА ТЕТКА ЕВРОПО, ТИ СТВАРНО НЕ НÈ САКАШ | kamenica.mk


Писмо до ЕУ од Западен Балкан

Драга тетка Европо,

Пишувам од името на твоите сиромашни роднини од Западен Балкан: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово и Албанија. Знаеш – оние непослушните.

Помина долго време. Треба да разговараме.

Пред четиринаесет години, во Солун, ни беше свечено ветено дека еден ден, не премногу далеку во иднината, на сите треба да ни биде дозволено да се вселиме во твојата голема куќа во Брисел и да седнеме како рамноправни на твојата маса.

Сè што треба да направиме, рече ти, е да се упристоиме: да бидеме фини со тебе, и едни со други, и да се научиме на добри манири, за да не те срамиме пред гостите.

Па ние пробавме. Стварно пробавме. Престанавме да се тепаме, си ги чистевме собите најубаво што можеме, бевме фини со комшиите. Дури некогаш и си ги делевме играчките и работите, иако воопшто не го сакавме тоа, само за да докажеме дека можеме да бидеме добри.

Но наградата никогаш не ја добивме. Една деценија по Солун, само Хрватска ја доби посакувана покана, и откако си замина, веднаш ги прекина сите врски со нас. Таа сега шета преправајќи се дека има „јужноцентрално европско-медитеранско“ потекло и воопшто не го изустува зборот „Балкан“.

Кога сфативме дека ти воопшто не сакааш да ти се приклучиме, полека почнавме да се откажуваме. Изгледа дека ти не го ни забележа тоа.

Не ме сфаќај погрешно, знам дека имаше, и сè уште имаш, свои проблеми, фискалната криза, и емигрантската криза, и терористичката криза, а и Велика Британија ти отпловува кон отворено море. Сакавме да влеземе за да ти понудиме помош, но ти нè држеше на дистанца.

Па така ние почнавме да се преправаме дека се реформираме, а ти почна да се преправаш дека поканата сè уште важи. Така е веќе некое време.

На крај, и ние и ти се уморивме од преправање. Ти рече дека веќе нема да има проширување на ЕУ до 2020 година; потоа почнаа да зборуваш за 2025 година.

Ја примивме пораката. Си се откажала од нас, па и ние се откажавме од тебе – и од самите себе. Се вративме на старо.

Види нè сега: Србија пак се претвора во силеџија; на Косово, едвај деветгодишно, му се смачи од играчки и бара вистински тенкови и пушки; Босна самата се распарчува. Црна Гора мисли дека е на врвот на светот; Македонија има самоубиствени нагони; Албанија по цел ден само седи во ќош, намуртена.

Хаос.

Исто така, почнавме да си играме со лошите деца, како Влад, и Реџеп, и Абу Бакр, и тоа ново портокалово детиште Дони. Ти нè предупреди да не се дружиме со нив, но во твое отсуство, нам ни требаа другари. Можеби тие и не се толку лоши како што велиш ти.

И тогаш конечно го привлековме твоето внимание. Слушнавме дека минатата недела во Брисел имало голема семејна вечера и дека ние сме биле меѓу главните теми на разговор. Се разбира, ние не бевме поканети. Ние никогаш не сме поканети.

Но ја примивме пораката – „заклучоците“, како што ги викаш ти – од настанот. Си забележала дека сме немирни и нестабилни. Велиш дека си загрижена. И сето тоа го припишуваш на „надворешни влијанија“. Стварно? Како ние во суштина да сме добри деца што едноставно се случило да паднат во лошо друштво. Тоа е понижувачки.

Е па дозволи ми да ти кажам: ние не сме добри, веќе не, а можеби никогаш и не сме биле. Се обидувавме некое време, и тоа не успеа. Исто така, совршено сме способни сами да си предизвикаме хаос, што веќе требаше да ти биде познато.

Во истата порака ти рече и дека сè уште си посветена на тоа старо солунско ветување. Извини, ама тоа веќе не проаѓа.

Сè уште те сакаме и едвај чекаме да влеземе. Но ти покажа, одново и одново, дека единствениот начин да го привлечеме твоето внимание е колку што можеме повеќе да правиме бељи. А само што почнавме.

Немој да кажеш дека не сме те предупредиле.

Искрено твој,

Западен Балкан

Автор: Дејан Анастасијевиќ

Извор: Балкан инсајт

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *