Дедо Мраз, на небото се наоѓа мојата најсветла ѕвезда и би те замолила да ја чуваш. Чувај го татко ми! | Ана Михаиловска

“Кој е Дедо Мраз, тато? И дали тој навистина патува низ целиот свет?” Ќе прашав љубопитно со очи силно вперени во мојот херој. Навистина патува ќерко, патува заради децата, за тебе. Желби. Весела и искрена детска насмевка која веруваше во постоењето на Дедо Мраз. Ах, не можев да го дочекам новото утро и со радост да го отворам подарокот од Дедо Мраз. Мојот заслужен подарок. А сега патувам низ тунелот од спомени. Се враќам во безгрижното детство. Пред очите ми заискрува неговиот лик и светлината во неговите очи додека со восхит го отварав подарокот од Дедо Мраз. Еве веќе две години поминаа откако си замина мојот исполнувач на желби, мојот Дедо Мраз. Сега се плашам да замислам желба, го нема исполнувачот.

Се плашам како мала птица подготвена за првиот лет. Додека го имав мојот Дедо Мраз не постоеше желба која не можеше да биде исполнета. А сега? Секоја желба е залудна. Колку само би било лесно да ја затворам вратата на иднината и да се вратам во сигурната закрила на детството. Во времето кога очите ми беа полни со новогодишни желби, блескаа од среќа, а не како денес, заматени од болка. И кога стрелките ќе се спојат, кога огнометите ќе го означат доаѓањето на новата година, ќе ги затворам очите и ќе посакам едно. Ќе ја погледнам мојата ѕвезда и низ лицето ќе потече солза. Солза од крупните темни очи. Дедо Мраз патува по небото бидејќи е прекрасно, а прекрасно е затоа што најубавите луѓе се таму. И додека новогодишните листи и желби на останатите се долги, јас ќе посакам само една желба бидејќи и денес верувам во Дедо Мраз. На небото се наоѓа мојата ѕвезда, мојата светлина која ги осветлува патиштата кои ме водат понатаму. Тоа е таа ѕвезда која секоја вечер пред да заспијам стои над мене и ми ги гали обравчињата за добра ноќ. Те молам чувај ја таа ѕвезда. Не дозволувај никогаш да исчезне. Таа е моја светлина. Само тоа го барам. Само тоа го посакувам. Само толку.

Ана Михаиловска | Македонска Каменица

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *