Велес: Роланд А.(29) осуден на 18 месеци затвор за десет тегли ајвар

21. Март 2017 – Македонска Каменица (www.kamenica.mk)

Велешанецот Роланд А. (29) доби 18 месеци затворска казна за 10 украдени тегли со ајвар.

Роланд А., кому му се судеше во отсуство затоа што е во бегство, беше прогласен за виновен за кривичното дело тешка кражба.

Обвинетиот делото го сторил ноќта помеѓу 29 и 30 ноември 2015 година кога насилно влегол во подрум на станбена зграда во Велес. Од просторијата украл десет тегли со ајвар и алат за работа, во вкупна вредност од три илјади денари. 

Оваа штета Роланд А. треба да му ја надомести на оштетениот. Поради тоа што обвинетиот има пресуди за други кривични дела, нему согласно Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната во Основен суд Велес му е изречена затворска казна од 18 месеци, која е правосилна.

Минатата година велешанецот Петре К. (31) беше осуден на три години затвор затоа  што ограбил кафеана и предизвикал штета од  6 илјади денари. Тој ноќта помеѓу 13 и 14 мај 2015 година насилно влегол од задната врата во кафеаната и одзел сѐ што можел и сѐ што му било при рака и колку можел да носи.

Така украл две литри лозова ракија, два литри узо, еден литар мастика, еден литар коњак, 10 лименки пиво, 150 ќебапи, 20 плескавици, еден килограм краставици,  два килограми патлиџани и еден килограм различни видови сувомесни производи. Дел од украдената стока ја препродал, а дел сам со друштво ја искористил. Петре К. повеќепати бил осудуван за различни кривични дела, а кога му е изречена пресудата се наоѓал на отслужување казна затвор за друго дело.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *