Да се биде самохран родител, значи да се соочувате со многу предизвици. Самохраните мајки од секој мрак прават светлина, од секоја солза насмевка. Овој пат, солзите на четиринаесет годишниот Христијан и шест годишната Моника во насмевка ги претвори популарниот некогашен шоумен Бојан Јовановски познат како Боки 13.
По сторијата на Фокус, за самохраната мајка Драгица од Кратово, познатиот водител и шоумен Бојан Јовановски на својот профил на фејсбук вети дека тој лично уште утре ќе ја контактира Драгица и ќе ја превземе одговорноста за живеалиште и обезбедување на услови за живот за неа и нејзините деца, што подразбира и работа на Драгица.
Приказната за самохраната мајка која немала услови да ги одгледа своите деца при што ги оставила во дом, а која како што вели, не бара луксуз, туку работа за да може сама да ги издржува и да растат покрај неа, ја потресе македонската јавност, веднаш по нејзиното објавување.
„Сакам да упатам апел до сите кои што ја разбираат мојата тага и болка да ми помогнат. Добредојдени се парични средства, имам трансакциска сметка, но најмногу ќе ми значи сместување и работа во Скопје. Немам потреба засега од облека и мебел, оти немам ниту каде ги оставам. Животот со мајка ми е многу скромен, таа има минимални примања, свесна сум дека не можам да останам кај неа. И јас самата сум мајка и мислам дека заслужувам општеството да ми пружи шанса да бидам заедно со моите деца’. Сакам да работам и сама да си ги издржувам своите деца“, вели Драгица во разговорот за Фокус.
Ова не е прв хуман гест на Бојан Јовановски. Напротив, од шоумен и водител, Бојан Јовановски во јавноста веќе е познат како човек со големо срце, човек кој знае и умее да направи добро дело. Претходно, Бојан им помогна на Дејан и неговиот неподвижен татко кој живеаа во 9 квадратни метри, му обезбеди пристојно живеалиште на малиот Лука, организираше хуманитарни концерти за настраданите од поплавите кај нас, го вдоми бездомникот Свето, му обезбеди храна, топла облека и за првпат по повеќе години го однесе на бербер.