Беровската снаа од Полска денес е пренесена на лекување во болницата Филип Втори. Семејството Мадевски со огромна благодарност

Полјакињата Јустина замина на лекување во Скопје. Денеска медицинска екипа од специјалната болница Филип Втори од Скопје со санитетско возило ја зеде 45-годишната Јустина од Русиново. Првичниот преглед, на лекарите ги потврди сериозните здравствени проблеми на оваа жена.

  • Можеме да констатираме дека станува збор за пациентка со повеќе коморбидитети. За жал, пациентката подолг временски период не била медицински третирана. Најверојатно станува збор за мозочен удар, објасни д-р Петар Угуров од болницата Филип Втори.

Лекарите од Филип Втори најавуваат комплтено медицинско испитување.

  • Ќе направиме и кардиолошки и невролошки испитувања. Од мое име и од името на целиот тим во болницата, ветувам дека Јустина ќе има одлична грижа, истакна д-р Угуров.

Со солзи во очите, благодарност испрати до сите хумани, сопругот на Јустина, Славчо.

– Благодарни сме до сите кои помогнаа, сега е најважно да застане на нозе, па потоа планираме да одиме за Полска да се види Јустина со нејзиното семејство, изјави низ солзи Славчо Мадевски, сопруг на Јустина.

Блиските соседи кои алармираа до ТВ Стар за тешката состојба на жената фантом за системот во државава, ја испратија Јустина. Сите очи се сега вперени во клиниката на д-р Жан Митрев, од каде ќе се чека абер за нејзината здравствена состојба.

Тв Стар пред 4 дена ја објави трогателната приказна за жената Полјакиња во Русиново, фантом за македонскиот здравствен систем, се јавија многу хумани да помогнат, а д-р Митрев ги отвори вратите за лекување на 45-годината Јустина во болницата Филип Втори.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.