“Баскет – Кам” дел од зимскиот кошаркарски камп “Солферино 2017”. Каменичанецот Кире Блажевски со своја кратка изјава за медиумите директно од кампот

Зимски кошаркарски камп во Струга

Струга, 11 јануари 2017

– Околу 50 деца од Македонска Каменица, Кавадарци, Кочани и Виница учествуваат на зимскиот кошаркарски камп „Солферино 2017“ што се одржува во Струга во организација на Кошаркарскиот клуб „Фени индустри“ од Кавадарци и Академијата „Баскет Кам“ од Македонска Каменица.

Младите кошаркари, според тренерот Атанас Димов, ќе имаат можност да ја одржат кондицијата и да ги усовршат техниките на овој спорт.

– Кампот е за меѓусезонски период кога децата се на распуст, се одмараат, без училишни обврски и после празниците малку да ги раздвижиме, а и да се подготват за вториот дел од сезоната, вели Димов.

Според него, децата се повеќе се заинтересирани да тренираат кошарка бидејќи овој вид спорт оди во нагорна линија.

– Има се поголем број деца, особено во академиите во Македонска Каменица, кои добро котираат во лигите на Кошаркарската федерација и секоја година завршуваат на врвот во првите четири. Интересот кај децата е многу голем и секој камп се сѐ побројни, добро работат и се на добар пат, заклучи Димов.

Учесниците на кампот се задоволни од тренинзите што ги одржуваат во Струга. Освен за напорните тренинзи велат дека им останува слободно време и за други активности.

– Овде е одлично, тренираме, учиме нови кошаркарски техники, се забавуваме, но и работиме на физички подготовки кои ќе ни користат во натамошните утакмици, изјави Кире Блажески од Македонска Каменица, учесник на кампот.

Тренинзите на младите талентирани кошаркари во рамки на кампот што се одржува од 8 до 12 јануари, се одржуваат во опремена спортска сала со современа опрема прилагодена за деца на возраст од шест до 16 години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *