Централна Европа се подготвува за најобилните врнежи во последните сто години

Централна Европа се подготвува за можните најголеми поплави во последните децении откако е најавено дека во регионот за време на викендот ќе помине циклонот Борис.

Според чешките и полските метеоролози, во некои области на нивните земји може да наврнат и до 400 литри дожд на метар квадратен во следните четири дена, а во Австрија и Словачка околу 200 литри.

Сите културни манифестации закажани за викендов се откажани во сите четири земји поради најавеното поминување на циклонот „Борис“. Одводите исчистени, браните испразнети и се што може да помогне во справување со штетите од многу дожд е направено. Во Полска е најавено силно невреме на југот на земјата.

– Постои реален ризик од локални поплави во петок и недела – предупредија полските метеоролози. Во Вроцлав, кој има 675.000 жители, општината формираше кризен штаб. Според чешкиот министер за животна средина Петар Хладик, ситуацијата во земјата „може да биде слична на онаа од 1997 и 2002 година“.

Поплавите од 1997 година го погодија истокот на Чешка. Загинаа 50 луѓе и имаше голема материјална штета, според проценките од неколку милијарда долари. Токму во тој регион и овој пат се очекуваат најлошите врнежи. Во 2002 година, поплавите го погодија западниот дел на земјата, однесоа 17 животи и предизвикаа уште поголема штета отколку во 1997 година.

Градовите подигнаа заштитни огради против поплави со вреќи со песок во пресрет на невремето, кое ќе биде придружено со ветрови до 100 километри на час. Откажани се десетици културни настани во регионот, вклучувајќи го и годишниот фестивал на виното во Знојмо, кој привлекува десетици илјади посетители.

Според австриската телевизија ORF, нивото на водата на Дунав би можело да се искачи на нивоа што не се забележани пет до десет години. Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека армијата е подготвена да распореди до илјада војници доколку е потребно. Во состојба на готовност се и словачката армија и доброволните пожарникари.

Според прогнозите, врнежите би можеле да бидат поголеми од оние што ја погодија централна Европа во 2013 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *