МАКЕДОНИЈА ВО СТРУМИЦА НА МЕГДАН ПРОТИВ АЛБАНИЈА

Македонската фудбалска репрезентација денеска во Струмица со почеток од 20:45 часот ја пречекува Албанија во квалификациски натпревар за Светското првенство во Русија.

По победата во Израел, македонските фудбалери ќе се обидат да врзат два триумфа во едни квалификации, на ред е селекцијата на Албанија.
Атмосферата во нашата репрезентација е позитивна, а дополнителен квалитет и енергија донесоа младите фудбалери кои беа прекомандувани од У21 селекцијата.
Македонија одигра одличен меч во Израел, не му даде на противникот да ја развие својата игра, фудбалерите покажаа дисциплина и желба за победа и таа се случи.
Победа вечерва над Албанија ќе биде потврда дека македонската селекција е на вистинскиот пат, но за да се дојде до неа треба уште еднаш да се даде максимумот и да се одигра на највисоко ниво. Противникот не е наивна селекција, има освоено шест бода повеќе од нас.
„На последните шест натпревари имаме четири победи, едно реми и еден пораз и тоа од Шпанија. Тоа е доказ дека играме во добра форма, репрезентацијата е во налет и мислам дека утре ќе го одиграме најдобриот натпревар во квалификациите. Не ме интересира дали сме прогласени за фаворит или не. Она што ми е важно е да го дадеме најдоброто од себе и да ги освоиме трите бода“ – вели селекторот Игор Ангеловски.
Во составот на Ангеловски за вечерашниот натпревар поради жолти картони ќе недостасува единствено Елиф Елмас кој го направи клучниот потег за победата над Израел.
Со три бода од денешниот натпревар ќе останеме во игра за третата позиција на табелата која ќе ни донесе подобар ранкинг за наредните квалификации.
Се очекува стадионот „Младост“ да биде исполнет до последното место и фудбалерите да ја добијат потребната поддршка која ќе им даде дополнителен мотив за триумф.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *