Македонска Каменица, 17. Септември 2024 година – Во насока на заштита на населението и имотите на граѓаните, од потенцијалните штетни последици предизвикани со најавените обилни врнежи, Општина Македонска Каменица преку активностите на Јавното претпријатие Камена Река, презема редица на интензивни мерки за превенција.
– Темелното чистење на сите отворени канали за собирање на атмосферски води е една од клучните мерки за спречување на поплави. Нивната функционалност овозможува непречено одводување на поголеми количини на вода и спречува создавање на поголеми атмосферски талози при поројни дождови, – вели градоначалникот Димчо Атанасовски кој упати апел до сите граѓани на Македонска Каменица да бидат внимателни, да не одложуваат градежен шут и отпад во системите за одводнување и во регулираните суводолици на целата територија на општината.
Заеднички, со превенција и со одговорно проактивно однесување, можеме да се заштитиме и да ги минимизираме ризиците од временските непогоди, – додаваат од општината
Јавното претпријатие Камена Река како реализатор на овие проактивни политики на општина Македонска Каменица за заштита и спречување на штети, во своето соопштение за јавност истакна дека „вработените во јавното претпријатие успешно ги вршат активностите за чистење на отворените канали за собирање на атмосферски води и дека ќе продолжат со своите активности за одржување на инфраструктурата и обезбедување на безбедни услови за граѓаните“.