Скопје денес одбележува 54 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје со повеќе активности и манифестации одбележува 54 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Официјални делегации и претставници на институции денеска ќе положат цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес. Традиционалната крводарителска акција „За Скопје со љубов. Дарувај крв – биди хуман“ ќе се спроведува од 9 до 17 часот во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“. Организатори се Црвениот крст на Град Скопје и Институтот за трансфузиона медицина.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Пауновска ќе присуствуваат на проширениот капацитет на Пунктот за бездомници – Момин Поток. Пунктот, кој функционира од 2008 година, сега е збогатен со уште еден станбен контејнер од 16 кревети, тоалет, кујна и туш кабинет. Оваа активност е резултат на донација која Град Скопје ја даде како пренамен на средства по откажување на новогодишната прослава на скопскиот плоштад.

Градоначалникот Трајановски вечер во Музејот на Град Скопје, со почеток во 20 часот ќе ги отвори изложбите „Скопје – архиТРАНСформа“: „Архибелези“ на архитектите Јасминка и Екатерина Намичеви и „Concrete мemories“, фотографии на Матијас Шуман, Дрезден, Германија. На изложбата „АрхиТРАНСформа-Аrchiбелези“ од архитектите Јасминка и Екатерина Намичеви, преку презентирани архивски документи, фотографии и реконструкции на градбите е направен преглед на училишните објекти во Скопје, изградени во периодот меѓу двете светски војни (1918-1941година).

Авторите на изложбата сметаат дека архитектонските примери изградени безмалку пред столетие би било корисно уште еднаш да бидат анализирани како искуства во кои биле вешто вградени некои претходни градителски традиции. Притоа имајќи силно чувство за современиот момент и печатот кој тие градби задолжително треба да го носат.

Фотографската серија „Concrete мemories“ е направена преку програмата за културна размена по повод 50 години од збратимувањето на Скопје и Дрезден. Авторот користи фотографии од типични модернистички згради, впечатливи детали, интериори и простори како основа за фотографски рекомбинации. Според него, овие колажи сакаат да ги запаметат културните, естетичките и историските вредности на тоа модернистичко архитектонско наследство.

Под мотото „Скопје го слави животот“ на 26 јули од 21 часот на плоштадот „Македонија“ ќе настапи Биг Бендот на МРТВ. Ќе настапат и Бида Додева, Александар Митевски, актерот Висар Вишка, детскиот хор „Фалсето“, словенечкиот саксофонист Васко Атанасовски и нашиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски. Свој дел ќе има и скопскиот хроничар Данило Коцевски.

Скопјани и сите посетители ќе имаат можност да слушнат голем број македонски композиции кои низ децениите се пееле и свиреле во Скопје или кои асоцираат на Скопје.

Во Младинскиот културен центар во рамки на годинашното одбележување на денот на катастрофалниот скопски земјотрес ќе има повеќе активности. Од 20 часот ќе биде претставен избор од програмите на европските престолнини на културата: Монс, Белгија 2015, Плзен, Чешка 2015, Сан Себастијан 2016.

Во МКЦ со почеток во 20 часот ќе биде отворена и изложбата на еден од основоположниците на македонскиот современ ликовен израз Димитар Аврамовски Пандилов, кој загина трагично во 1963 година. Ќе бидат претставени дел од неговите дела, кои досега никогаш не биле изложувани (четириесет и пет акварели и пет цртежи). Делата се работени во предвоениот и повоениот период на дваесеттиот век. Ова е само дел од проектот, со кој Младинскиот културен центар планира во повеќе години, секој 26 јули да изложува досега никогаш изложувани дела од Пандилов.

Од 22:30 часот во МКЦ концерт ќе имаат RIB, Sweet Rapscallions, Anna O. и Mark Olson & Ingunn Ringvold од САД.

Извор: Канал77

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *