ПРОДОЛЖЕНИТЕ ВИКЕНДИ ШТЕТНИ ЗА ЕКОНОМИЈАТА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Продолжените викенди се штетни за македонската економија

21.Х.2017год (kamenica.mk)

Едноставно е – парите се трошат надвор од земјава бидејќи домашниот туризам се уште не може да им конкурира на понудите од соседството

 

Во пресрет сме на нов продолжен викенд или повторно, наместо двата слободни дена, поради празникот во понеделник, на работа нема да одиме три споени дена (некои може и четири). Се разбира тоа не важи за сите (докторите, новинарите, полицајците работат секако), ама повеќето од вработените во државата, навистина ќе одмораат три дена.

Вообичаено, продолжените викенди се можност за трошење пари за излети и за туристички патувања, а кога еден троши, друг заработува. Проблемот е што македонските пари се трошат во соседството, бидејќи македонскиот туризам не успева да им конкурира на понудите од Грција и од Бугарија, сметаат истакнати туристички работници.

Во понеделник се празнува 23 октомври, Денот на Македонската револуционерна борба. Тој празник е еден од 11 државни празници годинава кои се неработни денови за сите граѓани на државата. Дополнително има уште празнични денови кои неработно ги прославуваат различните етнички или религиозни групи во земјава. Дали се малку или многу е прашање за кое без дилема има простор за дебата, исто колку што и проблемот како, ние, Македонците ги „трошиме“ овие неработни денови. Краток одговор на второто прашање и најверојатно најточен би бил – дома во лежење и јадење или во туристичките места во соседните држави. Дополнително, во време на празник и повеќето од дуќаните не смеат да работат, па така, македонската економија нема ама баш никаква корист од празнувањата.

 

ВОЗИМЕ ПОДАЛЕКУ НАДВОР, НЕ ОДИМЕ ВО МАКЕДОНИЈА

 

На ден пред стартот на продолжениот викенд прашавме во поголемите туристички агенции, дали и колку граѓани одлучиле да заминат надвор, а колку се распрашувале да го поминат викендот во некои од домашните туристички капацитети. Несомнено повеќето кои одлучиле да не седат дома и ќе одат во Банско или во Грција.

„На одлуката каде за продолжен викенд најмногу влијае тоа какво е времето. Кога е сончево и во пролетните и летните месеци, па и во есен одат најмногу во Грција, но и на патувањата кои опфаќаат повеќе градови. Конкретно за овој 23 Октомври, сепак во изборот преовлада Банско во соседна Бугарија, а имавме тура и во турска Кападокија. Ние го нудиме и хотелот Изгрев во Струга, кој е конкурентен во смисла на понудата со спа центар, но сепак многу помал број од заинтересираните решија да ја изберат таа понуда“, вели Сузана Зелениковска, менаџер за продажба во „Фибула“.

Зелениковска има долгогодишно искуство со туристички аранжмани и вели дека точна е проценката оти, земјава не им е интересна на нашинциве, ни за годишен одмор , ама не и за викенд патување.

„Подготвени се да запалат автомобил, да возат до саканата дестинација до странство, ама не ги избираат нашите дестинации. Велат, сакаат да уживаат за она што платиле, што најверојатно води до заклучокот дека малку наши капацитети можат да конкурираат со цена и со понуда во однос на тие во соседните земји“, вели таа.

 

НА ЗАПАД ПРАЗНУВААТ И ОДРАБОТУВААТ

 

Со тоа се согласува и Ангел Иванов, кој има четиридецениско искуство во овој бизнис. Понудата на македонските туристички капацитети ја спореди со саемско изложување на ист производ секоја година.

„Туристичките работници одат на саеми и секоја година нудат југо 45 – ова фигуративно се разбира. Само надградено со на пример радио или некоја друг додаток. Замислете ние овде немаме хотел кој нуди услуга се вклучено (all inclusive). И зошто одиме надвор? За 100 евра кои ќе ги потрошите во Банско на пример, ќе добиете многу повеќе од тоа што можете да го имате овде. Нашите објекти се занемарени со години, нема понуда, додека соседните се развиваат со космичка брзина“, вели Иванов од „Адриатик Маврово“.

 

Кога го прашавме за смислата на продолжените викенди и тенденцијата тие само да и штетат на домашната економија, каков што е впечатокот, вели дека тоа е точно до секој процент од тврдењето.

„Државата губи од тие продолжени викенди и тоа многу. Ние сме неработници генерално. На запад, тоа е познато, ако празникот се падне во работен ден, тој се одработува во следната сабота и нема мрдање од тоа. Ама и кога се спојува со викенд, најголем ќар од неработењето има државата чии туристички капацитети се полнат до последното место. Јасно е, нас повеќе ни се празнува, многу помалку ни се работи. Стартуваме со 104 дена кои во годината се саботи и недели и плус добиваме уште триесетина како празници“, вели Иванов.

 

ШТО ПРАЗНУВАМЕ ГОДИНАВА

 

Освен тие 11 дена, кои како празник се неработни денови за сите граѓани на државата, православните верници во земјава годинава празнуваат уште пет дена, значи за нив неработни денови како празници се 16 дена годинава. Граѓаните од католичка вероисповест имаат плус три неработни денови или 14 вкупно, додека тие од муслиманска вероисповест уште еден или 12 вкупно.

Според календарот од Министерството за труд и социјална политика, по еден неработен ден имаат и Албанците, еден Србите, Ромите, Власите, Евреите, Бошњаците и Турците.

Извор: ЊусРум

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *