Признание за Далибор Трајков за најчитан македонски писател во библиотеките во Македонија за 2024 година од Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена река“ – Македонска Каменица
Роден е на 18.11.1981 година во Кавадарци, а по потекло е од Росоман. Завршил средно полициско училиште во Скопје, а образованието го продолжил на Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип, каде што се стекнал со звање магистер по Правни науки. Веќе 24 години работи во Министерството за внатрешни работи како инспектор во ОВР Кавадарци.
Од најмала возраст пишувал поезија, а од 2020 година почнува да пишува раскази и со нив учествува на меѓународни конкурси на кои се стекнува со високи признанија и награди, а неговите раскази се дел од неколку меѓународни антологии. Расказот “Последната солза” е избран за расказ на годината за 2022 година на конкурс организиран од страна на Фондацијата Такец од Битола. Оттогаш почнува да пишува романи и склучува договор со издавачката куќа “Сакам книги”. Досега има издадено 3 романи и тоа: “Закопана вистина”, издаден во 2022 год., “Траги од минатото”, издаден во 2023 год. и “Тајната на монахот” издаден во 2024 год.