Кој е Бошко Илиев – лекарот кој прв го преплива Калиманско Езеро!?

Кавадарчанецот Бошко Илиев, лекар по спортска медицина и вљубеник во маратонско пливање се подготвува за 95- от маратон во неговата пливачка кариера. Започнал да плива уште од седум години, но неговите посериозни пливачки настапи започнуваат во 2001 година, кога заминал од Кавадарци на специјализација во Скопје. За ММС вели  дека целиот свој живот го сака пливањето, ја сака водата. Има 56 години и не сака да се откаже од маратонското пливање.  Ни раскажа дека тренира во водите на Тиквешкото Езеро, каде има соло маратони.

 

„ Уште од најрани години сум се научил да пливам, го сакам пливањето уште од 7-8 години. Немав некои услови во Кавадарци да пливам во клуб со тренер. Сето тоа молчеливо се одвиваше во младоста. Идејата и сериозните настапи се јавија во 2001 година кога заминав на специјализација во Скопје. Прва моја идеја беше да препливам една подолга, посериозна дестинација. Сакав да го пливам Охрид – Струга. Но сепак, по сугестија на мојот пријател Дики Бојаџи поради струењата,  тој ми сугерираше да пливам прво Пештани – Охрид и успешно го испливав тоа во 2001 година, 15 септември,  по едни така есенски услови “ вели д-р Илиев.

Не се надевал дека неговите маратонски настапи ќе имаат континуитет и дека ќе настапува и на меѓународни маратони. Но сепак, се појавил и на најдолгиот маратон на кој пливал, а тоа е меѓународниот Јарак – Шабац. Препливал 19 километри за 4 часа и 50 минути во категоријата ветерани.

„ И  така приказната потоа продолжи 2003 и 2004 година со маратоните во Охрид и Тиквешкото Езеро. Пливав од полошкиот манастир до Ресторан Луле, 13 километри и  во 2005 година се исполни мојата дамнешна и приоритетна  желба Охрид -Струга, односно пливав обратна релација Струга – Охрид,  што беше и потешко. Временски најдолг мој маратон со 6 часа и 44 минути, релација од 14 км , по едни неповолни временски услови. Од 2006 година започнав континуирано да настапувам на меѓународни маратони. Почнав со Хрватска, Корчула, 2007  година во Црквеница, Раб, Тјелашница, Задар… претежно хрватски маратони. Потоа се префрлив на српските маратони, на познатите маратони на реката Сава, Тиса во Војводина, некои езера во Војводина. Моите амбиции се проширија во Бугарија, познатиот маратон на Варна  го пливав 3-4 пати. Барав се повеќе релации, па апетитите се отворија, стана како една добра навика, секоја година да се појавувам на неколку меѓународни, но и на наши маратони.  Си зададов една убава цел , да ги препливам сите наши акумулации и природни и вештачки . Ми остана од прирордните Преспа, а од вештачките уште Матка, Глобочица… “ раскажува д-р Илиев.

Задоволен е што успеал да се појави на маратони во сите поранешни ЈУ републики, но и што ги проширил неговите пливачки визии.

„Пливав во Ксамил- Албанија , се појавив на неколку соло маратони во Грција, Неа Врасна – Аспровалта – Ставрос кој е 8 кмилометри и во наредна година Платемона- Хелас и назад. Во Анталија имав еден соло маратон и во Романија, пред три години“ додава овој вљубеник во маратонското пливање.

Минатата година, поради пандемијата со корона вирусот и затворените граници не му дозволија на Илиев да ја реализира својата пливачка агенда, но тој не мируваше. По повод 117 години Илинден пливаше на градскиот базен во Кавадарци. Реализираше соло маратон. Го преплива 117 пати базенот или помина 5850 метри.

Д-р Илиев ни откри дека секојдневно, во текот на летото, после работните обврски во ординацијата тренира по два часа во водите на Тиквешкото Езеро. Вели дека му се допаѓа ова езеро, каде имаше соло маратони во 2004, 2018 и 2020 година.

Во својата пливачка кариера веќе успешно реализира 94 домашни и меѓународни маратони, но вели дека нема да застане се додека го држи здравјето.

„Го пролонгирам крајот на пливачката кариера. Нормално физиологијата си го прави своето, јас и моите години одиме кон тоа. Но, една од  моите желби е да ги препливам сите акумулации во Македонија и ако ме држи здравјето во наредниот период би го направил тоа. Сакам да пливам и на Чанак Кале на Мраморното море. Спортски може не е тешко да пливам таму, но потешка е организацијата. Можеби оваа есен или наредната година. Сакам и во Италија да направам еден маратон или во Австрија, Унгарија“ вели Илиев.

Тој во Кавадарци оформи и здружение „Тиквешки делфин“, а се надева дека може наскоро да се реализира неговиот план и за пливачка школа. Се надева дека ќе се појават деца кои ќе сакаат да го продолжат неговиот пат.

„Ќе иницирам пливачка школа, децата да го засакаат пливањето,  како најздрав спорт, а тоа го тврдам и како специјалист по спортска медицина. Целта ми е пливањето да заживее, не се откажувам, јас сум упорен човек. Оптимист сум дека ќе ги најдам моите наследници  а потоа може спокојно да одам во пливачка пензија“

Се ближи и неговиот 100 – ти маратон. Се надева дека за тој јубилеј некој ќе се сети да му направи организација, како што тоа било за 50-от маратон, кога негови пријатели му организирале пливање во Босна.

„ Сигурно и после стотката нема да застанам“ – рече на крај од нашиот разговор овој кавадарчанец кој го сака пливањето на долги патеки.

Ангел Данов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *