ИСТОРИЈАТ

Историја на рудникот

Првите геолошки испитувања на лежиштето на рудникот се почнати во 1954 година кога е изготвен првиот елаборат за геолошко – рудните резерви во Осоговскиот регион. Од 1960/61 година е донесена одлука за изградба и отворање на рудникот која трае до 29.11.1966 година кога рудникот се пушта во производство. Во 1966 година кога рудникот започна со производство годишниот капацитет на преработка во Саса изнесуваше 300.000 тони. До 1979 година рудникот произведуваше селективни концентрати на олово и цинк, а од 1979 година до 2003 година рудникот произведува колективен концентрат. Во текот на 1970 и 1980 беше извршено дополнување и подобрување на постоечката опрема со цел зголемување на капацитетот на производство на рудникот така што истиот достигна годишно производство од околу 625.000 тони.
Максимално производство на руда беше остварено во 1990 и 1991 година кога годишно биле произведувани околу 625.000 тони влажна руда. Просечното годишно призводство на влажна руда од отворањето на рудникот до неговото затворање во 2003 година изнесува околу 450.000 тони годишно производство што е далеку под проектираните количини кои може да ги преработи флотацијата. Поголеми купувачи на колективните концентрати од рудникот Саса беа:
Топилница МХК Злетово – Велес
Топилница Sometra – Романија сопственост на Myitlineos, Грција и
Топилница Пловдив – Бугарија (само селективни оловни концентрати).

Новиот почеток                            

Рудникот САСА е поранешен производител на олово и цинк што се наоѓаше под грижа и оддржување од 2001 година кога е ставен под принудна управа. Рудникот беше затворен поради причини што не се поврзани со рудното тело. Во рудникот беше прогласен стечај со што започна и стечајна постапка. По затворањето на рудникот државата се обидуваше да најде стратешки инвеститор и за таа цел објави тендер за продажба на рудник САСА. Тендерот го доби руската фирма “Ромтрејд” и инвеститорот Павел Малиновскиј кој беше избран за најповолен понудувач на јавниот тендер. На 28.06.2005 година беше склучен договор за продажба на рудник САСА и со тоа и официјално се пренесе сопственоста и правата на користење на имотот понуден на јавниот тендер распишан со Одлука на Собранието на доверители на Рудници за олово и цинк САСА акционерско друштво во стечај – Македонска Каменица.
По потпишувањето на Договорот се започна со негова обнова. Претстоеше многу работа и вложување труд да за се рестартира рудникот. Се започна со враќање на работа на кадрите кои и претходно работеле во рудник САСА и со организирање на работата за рестартирање. Во текот на обновата која траеше околу 8 месеци се вложија многу напори за да се стигне до саканата цел. Веднаш беа склучени и првите договори за набавка на опрема која овозможи нормална работа на рудникот. Компанијата потпиша договори за достава на основните рударски машини со водечката светска компанија за рударска опрема Atlas Copco и новото флотациско одделение со светскиот произведувач на соодветна техника Metso Minerals. Како што пристигнуваше новата опрема така почна да се повикува на работа персоналот кој веднаш беше вклучен во работниот процес. Веднаш се започна со обука на работниците кои работат со јамската механизација како и оние кои работат во флотација за што беа ангажирани странски стручњаци, се изврши монтажа на новата опрема, се ремонтираа постоечките, а се изградија и нови објекти кои беа неопходни за нормалното функционирање на рудникот и се реализираа сите започнати проекти до рестартирањето на рудникот.
Работата околу рестартирањето успешно ја водеше менаџерски тим и стручњаци од различни области кои и претходно работеле во рудникот со што се постигна основната цел, а тоа е отворање и работа на рудникот САСА. За рестартирањето на рудникот се вложени повеќе од 20 милиони евра и тоа е првата фаза од планираните активности. Генералниот план на развој на рудникот за следните 7-10 години и потврдувањето на резервите по JORK стандарди ги изработи инжeнеринг компанијата СРК (Англија). По завршувањето на санацијата на рудникот (до крај на мај 2006 година), рудникот ќе вади и преработува 650.000 тони руда. Тоа ќе дозволи да се произведува 40 000 тони оловен концентрат (со содржина 73% олово) и 50 000 тони цинков концентрат (со содржина 50% цинк).

Денес Рудник САСА е една од најуспешните компании во Република Македонија, а парелелно со тоа котира високо и како компанија со силна општествена одговорност. Со финансиска поддршка на Рудник САСА, во Македонска Каменица се реализирани неколку значајни проекти, а Рудникот е главен спонзор и на локалните спортски клубови како и генерален покровител на речиси сите културни настани и манифестации кои се оддржуваат.

Од 17-ти мај 2018 година функцијата генерален директор на рудникот за оволо и цинк САСА од Македонска Каменица ја извршува Олег Телној. Назначувањето на Олег Телној за нов генерален директор на САСА е дел од долгорочната стратегија за развој на САСА поставена од страна на инвеститорот – компанијата Централ Азија Металс од Лондон.