Дилавер Бојку- Леку убиен на плажа

Убиство среде бел ден во Струга. Жртва е познатиот струшки бизнисмен и поранешен затворски осуденик Дилавер Бојку – Леку. Засега непознато лице во 16.45 часот дошло до Бојку додека тој бил на својата плажа Аква Блу на струшкото крајбрежје. Истрелал кон него неколку куршуми од огнено оружје. Според очевидци, напаѓачот потоа брзо се качил на моторцикл и побегнал во непознат правец. Лекари во струшката болница за Алсат информираа дека најверојатно Бојку бил погоден со неколку куршуми во пределот на главата, а во медицинскиот центар бил донесен веќе починат.

Пред болницата пак, доцна попладнево се собраа голем број членови на потесното и пошироко семејство на Бојку и негови познаници. Не сакаа да зборуваат за настанот и ни рекоа да не снимаме. Пред плажата на Бојку пак, забележавме зголемен број на полицајци. Се вршеше увид, а граѓаните кои ги затекнавме во близината не сакаа јавно да зборуваат пред камерата.

Дилавер Бојку од поодамна и е познат на јавноста во земјава. Негово име се поврзуваше со криминал и проституција. За тоа лежеше и неколку години затвор. Негов објект беше на мета на локалната власт на екс-градоначалникот Зијадин Села која му урна дивоградба во центарот на Струга, по што Села пријавуваше дека добивал закани. МВР формира посебен тим за да го истражи случајот со денешното убиство на Бојку.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *