ВО МАКЕДОНИЈА СЕ РАБОТИ САМО ЗА ЈАДЕЊЕ

Работиме само за да јадеме. Ова е логичен заклучок по последните анализи на Државниот завод за статистика, според кои најголем процент од платите, завршуваат за покривање на трошоците за храна.

Вкупно 60-70 отсто од заработеното завршува за полнење на фрижидерот и стомаците. Овој висок процент на трошоци за храна, не става во редот на сиромашни земји:

  • Тоа значи дека имаме низок стандард, зашто стандардот не подразбира да работиш само за храна и комуналии, туку и за други потреби, патување, доградби, инвестиции и слично, посочи Глигор Иванов, економски аналитичар.

Според домашниот есап на секое семејство, кај нас храната е исклучително скапа:

  • Прескапа е, пензијите ги трошиме само за храна, а да не зборуваме дека со нив ги помагаме и храниме и децата, велат анкетирани штипјани.

Дека кај нас јадењето се плаќа многу скапо, покажува и една проста споредба на цените на храната во Македонија и Германија, на пример:

Во просек, векна бел леб од 750 грама во Германија чини 0,85 евра  или 51 денар. Векна бел леб од 250 грама во Македонија чини 27 денари, а некаде достигнува и 39 денари.

Домашен ориз од втора класа во Македонија за 900 грама чини 46 денари. Во Германија, ориз од прва класа чини од 0,80 центи , односно 48 денари за килограм.

Најевтиното брашно од Тип 400 во Македонија може да се најде за околу 24 денари за килограм. Истото во Германија чини од 0,30 центи или 18 денари.

Килограм шеќер во Германија чини околу 0,69 центи (42 денари), а во Македонија најевтиниот кој го најдовме во супермаркет беше 38 денари за килограм.

Еден литар кравјо трајно млеко со масленост од 3,2 проценти во Македонија може да се најде за најниски 38 денари, а просечната цена се движи околу 45 денари за литар. Во Германија, најевтиното млеко започнува од околу 0,55 центи (33 денари), а поскапото „Алпско” млеко е околу 1 евро.

Од друга страна , просечната плата во Македонија е 370 евра, а онаа во Германија околу 2.400 евра.

Инаку, во развиените земји, месечните трошоци за храна, не надминуваат повеќе од 20-30 проценти.

СтарТВ Штип

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *