На денешен ден, пред 15 години, секој Македонец беше горд и плачеше од радост, затоа што женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров ја донесе првата европска титула во нашата земја, откако го крена престижниот пехар во Лигата на шампионите.
На 19 мај, 2002 година, Кометалки во мечот за титула го совладаа Херц (26-22) и направија секој човек од нашата земја да слави, без разлика дали е вистински вљубеник во ракометната топка или пак не.
Првиот меч во Унгарија заврши со пораз од два гола на Кометал (25-27), но нашиот тим блесна во тврдината „Кале“ и донесе голема радост за нашата земја, прва во историјата. Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Валентина Радуловиќ, Олга Бујанова, се само дел од тимот на Александар Панов кој стана хероински за целата нација.
И 15 години подоцна, Македонија има ракометни тимови со кои се гордее. Но, енергијата која ја предизвика Кометал ЃП во нашата земја – засекогаш ќе се памети. Орото кое се виеше на „Македонско девојче“, како и скоковите од радост на „Кометал шампионе“, засекогаш ќе останат врежани за македонската историја.