ПОЧИНА НАРОДНИОТ УМЕТНИК- ФОЛКЛОРИСТОТ ДИМИТАР УЗУНСКИ
Со неизмерна тага и билка соопшуваме дека денеска 23.11.2021 година, нашиот драг претседател Димитар Узунски, ја загуби битката со болестите и не напушти за секогаш. Неговото заминување несомнено ќе биде само телесно, додека неговиот дух ќе остане вечно да живее во неговите дела кои ќе сведочат за неговиот живот во кој се даде себеси со несебично, крајно одговорно, со целосна посветеност во негувањето, трансмисијата и одржливоста на пијанечкиот фолклор а пред се на орото „Копачката“. Со негова заслуга, „Копачката“ во 2014 година беше прогласена за национално културно наследство со особено значење од исклучителен интерес, а воедно и беше впишано во УНЕСКО, во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото.
Димитар Узунски е роден на 22.09.1938 година во село Тработивиште, општина Делчево. Завршил Педагошка академија група музичко воспитување во Скопје.
Над 50 години ја раководи ФГ КОПАЧКА с. Драмче и со неа има бројни настапи во земјата и странство како пејач, организатор, инструменталист и играорец. Кога го предаваше архивскиот материјал за негова национална и светска заштита во Министерството за култура, рече: „Ви го давам срцето“.
Беше и надворешен соработник на Институтот за фолклор на Р. Македонија и до длабока старост се занимаваше со собирачка активност.
За МТВ имаше учествувано во повеќе емисии, а за радио Скопје снимил 40 изворни пијанечки народни песни. За програмата на РТДелчево, за 12 години подготвил над 400 емисии, за серијата емисии „Од фолкорното богатство на нашето поднебје“.
Објавил три монографии: „Разловци“; „Дедо Митко- ороводецот на Копачката“ и „Копачката, чекор по чекор до УНЕСКО- мојот живот со Копачката“.
Се стекнал со повеќе признанија и награди: „Особено истакнат педагошки работник“-1980; Гран при од ФИИП „Пеце Атанасовски“ 2011; Плакета за животно дело од Градоначалникот на општина Делчево, по повод „100-год град Делчево“; Државна награда за народен уметник, 23-Октомври во 2014 год; „Најдобар културен работник на Источна Македонија“.
НЕКА ТИ Е СВЕТОЛ ПАТОТ ДРАГ НАШ ПРЕТСЕДАТЕЛЕ, ПОЧИВАЈ ВО РАЈОТ, ВО МИР. За секогаш ќе останеш во нашите срца на сите нас носителите на нематеријалното светско културно наследство орото „Копачката“ и во знак на завет длабоко ти се поклонуваме и ти ја одаваме нашата последна почит, – стои во Соопштението од “Копачка” Драмче