Полициската станица од општа надлежност Кочани ги известува граѓаните дека заради превенција и заштита од тешки кражби , измами и друг вид на имотни деликти, односно провалните кражби во куќи, станови, деловни простории, институции, верски објекти, измамите кои се вршат претежно над повозрасните лица, како и од кражбите од моторни возила, потребно е да ги преземат следните мерки и активности.
Пред да ги напуштат своите домови, да ги заклучат влезните врати, вратите од терасите, балконите, гаражите и подрумите, да ги затворат сите прозорци, сите вредни работи да ги внесат и заклучат во соодветна просторија на безбедно место. При повеќедневно заминување од домовите на целото семејство, да се избегнува потенцирањето на отсуство преку електронските мрежи и портали за комуникација. Исто така апелираме, при напуштањето на своите возила граѓаните да преземат мерки на безбедност, односно да ги заклучат вратите на истите и да не оставаат предмети кои предизвикуваат внимание како чанти, куфери, мобилни телефони, лап топ, компјутери и слично. Истото да се применува и при напуштањето на деловните и институционалните објекти, по завршувањето на работното време.
Исто така потребно е да се обрати внимание и на опасноста од измами. При сомнеж и индиции за можни измами, веднаш на дискретен начин да се извести полицијата и по можност да се задржат измамниците со разговор, заради добивање на време до пристигнување на полициски службеници на лице место.
ПС Кочани апелира до граѓаните за нивно поголемо внимание кон овој вид на криминал, односно за преземање на превентивни мерки заради подобро обезбедување на личниот и колективниот имот. Воедно се апелира да се зголеми будноста и да се подобри соработката со органите на прогонот, преку давање корисни информации. Да се даваат известувања на полицијата за евентуална раздвиженост на непознати , сомнителни лица и возила во близина на имотот на граѓаните, со цел спречување на ваков вид на кривични дела и пронаоѓање на сторителите на однапред извршените кривични дела.
Сите сомнителни безбедносни појави да се пријавуваат на бесплатниот телефонски број 192.
Командир на ПС Кочани
Горан Велковски