Пожарникарите од Македонска Каменица и соседно Кочани сѐ уште интервенираат на големиот пожар меѓу селата Пресека и Цера, кој е локализиран, но сѐ уште е активен.
Територијалните противпожарни единици на Кочани и Македонска Каменица, Национални шуми, припадници на доброволното противпожарно друштво „Кочани“ и членови на ловното друштво “Каменица Саса” од Македонска Каменица, веќе четврти ден се борат со огнот на Осоговските Планини.
Во гасењето на пожарот се вклучија осумдесетина жители од Пресека и Цера, како и доброволци од Македонска Каменица. Денеска, на увид на состојбата беа и градоначалниците Димчо Атанасовски и Љупчо Папазов.
Според пожарникарите од ТППЕ Кочани, првично двата одделни пожара во Пресека и во Цера се споиле во еден. Огнената стихија досега уништила над 180 хектари висококвалитетна борова и дабова шума.
Противпожарните екипи остануваат на терен со континуирани дежурства.