Лична донација на книги од Наташа Атанасовска за библиотеката во Македонска Каменица (Видео+Фото)

Има ли подобар ден за донација од оној наспроти 24 Мај, Денот на сесловенските просветители?

Библиотеката „Крсте Петко Мисирков“ во Македонска Каменица се збогати за стотина книги, лична донација од Наташа Атанасова, книжевник, блогер (Блен.мк), од „Наука за деца“ – платформа во рамки на Фондацијата „Кантарот“, со поддршка од порталот Умно.мк. Инспирирана од објавена вест дека библиотеката во Македонска Каменица, град со околу 5.000 илјади жители, кубури со нови наслови, Атанасова реши да ги олесни полиците дома и да ги удоми книгите во место каде ќе им се продолжи животот. А има ли подобар ден за донација од оној наспроти 24 Мај, Денот на сесловенските просветители?

Библиотеката во Македонска Каменица е сместена во Домот на културата. Таа е всушност клон на јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево под чии ингеренции е и клонот на библиотеката во селото Разловци. Билјана Петровска, директорка на библиотеката „Илинден“ во Делчево од името на сите вработени во библиотеката се заблагодари за донацијата.

 

 

– Ви благодариме од срце. Добрината е среќа. Велат дека само еден акт на добрина пушта корења од кои растат нови дрвја. Посакуваме овој ваш акт на добрина да допре до сите што се во можност да донираат, за да може да расте бројот на нови наслови во библиотеката, а со тоа да расте и бројот на нови читатели. Ние тоа нивистина го посакуваме. Библиотеката има малку средства и затоа секоја подарена книга многу ни значи – рече Петровска, врачувајќи им благодарници на донаторите.

Акција на ентузијасти

Атанасова вели дека е убаво кога повеќе луѓе ентузијасти ќе се спојат за да се изведе една убава акција. Таа објасни дека веќе некое време ѝ стоеле издвоени стотина книги кои или ги добила на подарок или ѝ биле дупликат, ги купувала во повеќе примероци за да поддржи пријател или млад автор што издал прва книга, или, пак, ги исчитала и знаела дека нема да им се наврати.
– И посакував да ги подарам во некоја библиотека. На моја изненаденост, две библиотеки во Скопје не сакаа да ги примат книгите како донација, па информацијата што ја сподели Умно.мк дека библиотеката во Македонска Каменица упатува апел за донации, која ми ја испрати Драгана, ми дојде во вистинско време и така, книгите беа таксани. Бидејќи претежно станува збор за класици и за дела од современи македонски автори, се радувам што знам дека ќе имаат можност да бидат читани. Со оваа донација ги спасивме книгите од судбината на „мртви книги“, ги снабдивме читателите на Македонска Каменица со нови четива и, најсебично гледано, ми се отвори простор во мојата библиотека за нови книги – вели Атанасова.

Петровска и Драга Стикова (десно)

Драгана Стикова, директорка на „Кантарот“, вели дека како фондација која се залага за популаризација на науката кај најмладите, секогаш кога ќе препознаат убава иницијатива во која веруваат и сакаат да ја поддржат.
– Така беше и во овој случај, кога решивме да се придружиме во донацијата на книги во библиотеката

во Македонска Каменица. Набавивме квалитетни книги за деца, меѓу кои сликовници кои на забавен начин им ги доближуваат професиите на децата, книги со експерименти по хемија и физика, книги за познати научници, и истите денес ги дониравме во библиотеката. Сметам дека секое дете треба да има подеднаков пристап до квалитетни образовни содржини – нешто за што се залагаме и со платформата „Наука за деца“. А можноста да придонесеме и децата од Македонска Каменица да имаат да читаат одлични книги, неизмерно нè радува – вели Стикова.

Проблем со откуп на нови наслови

Библиотеката во Делчево постои од 1929 година кога била отворена како читалница. Само во Делчево има околу 70.000 илјади книги, во Македонска Каменица околу 15.000, а во Разловци околу 2.000 книги.

– Добиваме малку пари и откупот на нови наслови претставува проблем. Луѓето во Делчево сакаат да читаат, имаме читатели од 7 до 77 години. Се чита сè – и трилери, и љубовни книги, лектири… Во последно време доаѓаат и многу студенти што користат стручна литература. Имаме многу книги, и постари изданија и понови кои ни доаѓаат од Националаната и универзитетска библиотека. Особено се бараат стручни книги од областа на медицината – вели Петровска.

Библиотеката „Крсте Петко Мисирков“ во Македонска Каменица

Читалницата во Делчево претежно ја користат студентите, бидејќи стручната литература не се изнесува надвор од библиотеката. Другите книги може да се изнајмат. Годишната членарина чини 250 денари (за единечен број) и 300 денари за семеен број. Секоја книга може се изнајми најмногу на 14 дена. Ако се доцни со враќањето, за секој ден се доплаќа пенал по 5 денари.
– Во последно среќни сме што децата не бараат само лектири, туку и слободна литература. Па ако им понудите нешто што веќе прочитале раскажуваат во куси црти и бараат нови наслови. Во последно време бараат стрипови, но тешко ни е да ги набавуваме – вели Петровска.

Библиотеката е сместена во Домот на културата во Македонска Каменица

Јасмина Митревска е библиотекарка во клонот „Крсте Петков Мисирков“. Вели дека читателската публика е разноврсна, има и млади и повозрасни.
– Секој има различен вкус за книги. Кубуриме со откуп, но има и нови наслови. Во соработка со општината неодамна имавме добра акција, ни помогнаа компании и обезбедивме околу 630 книги, белетристика и лектирни изданија, за кои имаме голема потреба – вели Митревска.

Пред три години најчитан автори бил писателот Горјан Петревски. На прашањето што би им препорачала на младите читатели, Симова вели:
– Да читаат, многу да читаат.

Текстот е објавен во соработка и во согласност со порталот umno.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *