За признавањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од страна на останатите сестрински Православни Цркви

Признавањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од страна на останатите сестрински Православни Цркви

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија е прифатена како канонска црква во православниот свет. Нема ниту една помесна православна црква која се противи на канонскиот статус на нашата црква. И оние помесни цркви кои сè уште немаат донесено официјална одлука за статусот на МПЦ-ОА, сослужуваат со неа.

Автокефалниот статус, доделен од Српската Православна Црква, го прифаќаат следните цркви:

  1. Српска Православна Црква
  2. Руска Православна Црква
  3. Романска Православна Црква
  4. Бугарска Православна Црква
  5. Православната Црква на Чешките земји и Словачка
  6. (Украинската Православна Црква)

Канонски статус, врз основа на одлуката на Српската Православна Црква, прифаќаат следните помесни цркви, без да прецизираат дали го признаваат автокефалниот статус:

  1. Православна Црква на Полска
  2. Грузиска Православна Црква

Антиохиската Патријаршија исто така го прифаќа канонскиот статус на МПЦ-ОА и има литургиско општење со неа, врз основа на своја одлука, во која не се наведува дали се прифаќа признавањето од Српската или од Цариградската Патријаршија. Статусот и името на нашата црква го оставаат за решавање на сеправославно ниво.

Признавање на канонскиот статус врз основа на одлуката од Цариградската Патријаршија, што подразбира неприфаќање на автокефалниот статус, имаат донесено следните цркви, кои изрично изјавуваат дека право за доделување на автокефалност има само Цариградската Патријаршија:

  1. Цариградска Патријаршија
  2. Православна Црква на Албанија

Слична одлука има и Православната Црква на Грција, која го поздравува враќањето на МПЦ-ОА во канонски статус, но нема донесено официјална одлука за меѓусебно сослужување со нашата црква, туку разгледувањето на ова прашање го имаат доделено на две синодски комисии, кои сè уште ги немаат објавено своите заклучоци. И покрај тоа, во неколку наврати до сега, имаше сослужување помеѓу клирици на Црквата на Грција и МПЦ-ОА.

Останатите помесни Православни Цркви немаат донесено одлука за признавање на МПЦ-ОА, но сослужуваат со неа. Тоа се следните Цркви:

  1. Александриска Патријаршија
  2. Ерусалимска Патријаршија
  3. Православна Црква на Кипар
  4. (Православна Црква во Америка)

Цариградска Патријаршија

На 9 мај 2022 година Цариградската Патријаршија ја донесе следната одлука (https://ec-patr.org/αποφάσεις-της-αγίας-και-ιεράς-συνόδου-3/):

„Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем на Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повеќекратните повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново:

  1. Ги прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи ’вино и елеј’ врз раната на нашите тамошни православни браќа. За се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт.
  2. Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, во рамките на Светоканонскиот поредок и Црковното предание.
  3. Како име за оваа Црква го признава ’Охридска’ (подразбирајќи ја областа на нејзината јурисдикција, само во границите на државата Северна Македонија), како што и нејзиниот Претстоител писмено ѝ вети на Вселенската Патријаршија, исклучувајќи го терминот ’Македонска’ или каква било друга изведенка од името ’Македонија’.

Вселенската патријаршија продолжува да се интересира за растењето, напредокот и благосостојбата на овој црковен ентитет на Охрид, како што и правела низ вековите за сите помесни Православни Цркви, како ’сместувалиште на љубовта, извор на благочестието на Родот на Православните Христијани’ (митрополит на Драма Павле).“

Врз основа на оваа Одлука, а откако веќе се реализираше сослужувањето на Српската со Македонската Црква, дојде до заедничко сослужување на Архиепископот Охридски и Македонски Стефан со Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, заедно со архијереи, свештеници и верен народ од двете помесни Цркви. Сослужувањето се случи на денот на празникот Педесетница, на 12 јуни 2022 година, во храмот посветен на свети великомаченик Георгиј, во Фанар, во седиштето на Цариградската Патријаршија во Истанбул. Со ова, Цариградската Патријаршија влезе во литургиско општење со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.


Српска Православна Црква

Откако на 6 мај 2022 година беше најавено дека преговорите помеѓу Српската и Македонската Православна Црква се во завршна фаза, Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква, на 16 мај 2022 година, го објави следното соопштение за јавноста (http://arhiva.spc.rs/sr/saopshtenje_svetog_arhijerejskog_sabora_6.html):

„Откако го прими Актот од Светиот Архиерејски Синод на ’Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија’ со кој таа го прифаќа општопризнатиот канонски статус што ѝ беше доделен во 1959 година од страна на Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква и изразува надеж дека Српската Православна Црква братољубиво ќе го решава и ќе го реши прашањето за нејзиниот конечен канонски статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот Архиерејски Собор одлучи:

– Со благодарност кон Господа и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен уште во 1959 година;

– бидејќи со ова се отстранети причините за прекинот на литургиското и канонското општење, предизвикано со едностраното прогласување на автокефалноста во 1967 година, се воспоставува целосно литургиско и канонско општење;

– со воспоставувањето на единство на канонски основи и под услови каде важи канонскиот поредок на сето подрачје на Српската Православна Црква, не само што е можен дијалог за идниот, а можеби и конечниот статус на епархиите во Северна Македонија, туку тој е и целисходен, легитимен и реален;

– во дијалогот за нивниот иден и евентуално конечен канонски статус, Српската Православна Црква ќе се раководи само и исклучиво според еклисиолошко-канонските и црковно-пастирските начела, мерила и норми, не грижејќи се за ’реалполитичките’, ’геополитичките’, ’црковнополитичките’ и другите слични зададености или, пак, за еднострани иницијативи; и не подлегнувајќи под ничии влијанија и притисоци;

– и, на крајот, по решавањето на статусот, Соборот нема намера да ја условува новата сестринска црква со ограничувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во дијаспората, со препорака, истата, прашањето за нејзиното официјално име да го реши во непосреден братски дијалог со елинофонските и останатите помесни Православни Цркви.“

На 19 мај, истата година, во спомен-храмот Свети Сава, во Белград, Литургија на помирување отслужија поглаварите на двете Цркви, Српскиот Патријарх Порфириј и Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, во сослужение со епископи, свештеници, ѓакони и верен народ од двете помесни Цркви. Со ова сослужување се потврди крајот на литургиската изолација на Македонската Православна Црква, која од тој момент официјално влезе во литургиско општење со помесните Православни Цркви.

На 24 мај, на денот на светите словенски просветители – Методиј и Кирил, по покана од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Српскиот Патријарх г.г. Порфириј дојде во Македонија на заедничко сослужување во Архиепископскиот соборен храм Свети Климент Охридски, во Скопје. На беседата, на крајот од Литургијата, Патријархот Порфириј му ја објави на целиот присутен народ веста дека Архијерејскиот собор на Српската Православна Црква донел Одлука со која „ја благословува, ја одобрува, ја прифаќа и ја признава автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија“.

На 5 јуни, во Соборниот храм, посветен на Св. Архангел Михаил, во Белград, се случи уште едно меѓусебно сослужување на двајцата поглавари, заедно со епископи, клирици и народ од двете помесни Цркви. На крајот од Литургијата, Српскиот Патријарх Порфириј му врачи Томос за автокефалност на Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, за што ги извести и сите останати помесни православни цркви.

Во продолжение следи целосниот текст на овој Томос.

ТОМОС
за автокефалност на
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

Порфириј,
по милоста Божја,
Архиепископ Пеќски, Митрополит Белградско-карловачки и Патријарх Српски,
со Свештениот собор на архијереите од Српската Православна Црква,
на Блаженејшиот г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски,

во согласност со најсветиот и востановен канонски поредок на најсветата Православна Христова Црква, и посебно во согласност, пак, со 34-тото правило од светите апостоли:

– врз основа на Одлуката на Светиот  архијерејски собор на Српската Православна Црква, АС бр. 47/зап. 8 од 16/3 мај од тековната година, со која Соборот со најдлабока благодарност кон Господ, во Троица секогаш прославуван, со голема радост ја прифати одлуката на Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски г.г. Стефан и собраниот околу него Свет архијерејски синод, со која се прифаќа општопризнатиот канонски статус на епархиите од Српската Православна Црква во Северна Македонија, кој е доделен во 1959 година, а тоа е статус на најширока можна автономна, односно полна внатрешна самостојност, и, бидејќи со тоа се отстранети сите причини за прекин на литургиско и канонско општење, предизвикан со едностраното прогласување на нивната автокефалност под името „Македонска Православна Црква“, 1967 година, – ги воспостави полното евхаристиско општење и канонското единство со спомнатата Црква, и констатираше: дека дијалогот за нејзиниот иден конечен канонски статус реално е можен, легитимен и целисходен; дека Српската Православна Црква тој дијалог го прифаќа; дека во него ќе се раководи само и исклучиво според еклисиолошко-канонските начела и според црковно-пастирските потреби; дека, откако ќе се реши прашањето во врека со нејзиниот статус, нема да ја условува новата сестринска Црква со ограничувачки клаузули во врека со опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во раселеноста по целиот свет, со братољубива препорака кон истата, прашањето за своето официјално име да го реши во непосреден братски дијалог со елинофонските и со останатите помесни Православни Цркви;

– врз основа на Одлуката на Светиот архијерејски собор на Српската Православна Црква, АС бр. 55/зап. 65 од 20/7 мај од тековната година, со која се излегува во пресрет на молбата од Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија САС бр. 65 од 18 мај од тековната година, на односната Црква, автономна во составот на Српската Патријаршија, да ѝ додели канонски статус на автокефална Православна Црква, па на истата ѝ се благословува, ѝ се доделува и ѝ се признава бараниот канонски статус на автокефална Православна Црква, со тоа што Соборот му дава должност на Светиот архијерејски синод на Српската Православна Црква да ги разреши неопходните техничко-организациони прашања, па потоа Српскиот Патријарх официјално и јавно ќе ја соопшти погоре кажаната Соборска одлука, ќе го потпише соодветниот Томос и ќе го достави до сите сестрински автокефални Цркви на усвојување, бидејќи Српската Православна Црква не е единствен фактор за автокефалност, туку тоа е полнотата на Православната црква, поради што е потребен прием од страна и на другите Православни Цркви;

– имајќи ги во предвид новонастанатите црковно-историски, историски и други околности, а со првенствена цел христоименитиот народ Божји да има што поголема духовна полза и да напредува по патот на спасението, како и тоа управувањето на црковните работи да се одвиваат без тешкотии, целисходно, канонски правилно, чиновно и благообразно, нашата Света Српска Православна црква, како наследничка на древната и славна Пеќска Патријаршија, соборски го благословува, го одобрува, го доделува и го признава автокефалниот статус на Божјата Црква во Северна Македонка, која денес е со називот Македонска Православна Црква, која е наследничка на древната и славна Охридска Архиепископија, поради што во својот назив го вклучува и нејзиното чесно име, и која го опфаќа канонскиот простор на претходната истоимена Црква, автономна од 1959 година во состав на нашата Српска Патријаршија.

Автокефалноста на новата сестринска Црква е полна автокефалност. Тоа значи дека Српската Православна Црква истата не ја условува со одредби со кои би ги ограничиле нејзината канонска јурисдикција и пастирската грижа за нејзиниот верен православен народ во матичната земја и во дијаспората. Истовремено, Српската Православна Црква топло им препорачува на Блаженејшиот Претстојател и на Светиот синод на новата сестринска Црква, прашањето за својот официјален назив да го решаваат и да го решат по пат на непосреден братски дијалог со елинофонските и со останатите помесни Православни Цркви.

Светите храмови и манастири, особено, пак, големите светињи од немањиќкиот период и од подоцнежниот период на српското присуство, со црковно градителство и со културно создавање на тлото на денешна Северна Македонија; како и вкупниот движен и недвижен имот на Српската Православна Црква, внатре во нејзините граници, се отстапува на користење на новата автокефална сестринска Црква.

За доказ, за потврда и за трајно сведоштво на сето она што на овој начин канонски е устроено и е утврдено, ние, – на Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, возљубен брат во Христос Господ и сослужител со нашата смерност, со сите околу него собрани Високопреосветени, Преосветени и Богољубезни архијереи, на нашите возљубени браќа и сослужители во Светиот Дух, – им го издаваме овој наш

Патријаршиски и Соборски Томос,

чиј изворник, точен и неповреден, се чува во Архивата на нашата Свештена Патријаршија.

Се молиме на Бога — Кој е Бог на секоја благодат, Кој нè повика во Неговата вечна слава, преку Христа Исуса, нашиот Господ, — со благодатта на Светиот Дух и со молитвеното застапништво на Својата Света Црква, на нашата најмлада сестринска и автокефална Црква да ѝ го дарува секој благослов и секој добар духовен плод, во нераскинливата врека на љубовта и единството со Српската Православна Црква и со сите свети помесни Православни Цркви ширум вселената. Нему, секогаш во Троица прославуваниот, нека Му е слава, чест, сила и поклонение во веки веков. Амин!

Дадено во Патријаршијата Српска во Белград, во Неделата на светите Отци од Првиот вселен ски собор,

23мај/5 јуни 2022-ро лето Господово.

Архиепископ Пеќски, Митрополит Белградско-карловачки
и Патријарх Српски
Порфириј
претседател на Светиот архијерејски собор
на Српската Православна Црква

 


Православна Црква на Грција

Светиот Архијерејски Синод (во постојан состав) на Црквата на Грција, на својата редовна седница на 8 јуни 2022 година, помеѓу останатите одлуки, го соопшти и следново (https://www.ecclesia.gr/greek/holysynod/holysynod.asp?id=3269&what_sub=d_typou):

„[Светиот Архијерејски Синод на Црквата на Грција] е информиран за писмото на Најсесветиот Вселенски Патријарх г. Вартоломеј во врска со одлуките на светиот и свештен Синод на Вселенската Патријаршија за исцелување на расколот од 1967 година и за воспоставување на црковното општење со црковниот ентитет на соседната земја, чиј главен град е Скопје, под Високопресвештениот Архиепископ г. Стефан.

Исто така, информиран е и за писмото на Блаженејшиот Патријарх на Србија г. Порфириј, преку кое се обзнануваат одлуките на Соборот на Православната Црква која е во Србија во врска со ова прашање.

Светиот Синод го изјавува најпрво, своето задоволство во врска со писмото на Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј за оваа тема, бидејќи смета дека тоа ’ги успокојува’ свештениот клир и благочестивиот грчки народ, затоа што им соодветствува на очекувањата, како за називот на црковниот ентитет на соседната земја без употреба на многуценетото име ’Македонија’, како составно или како изведенка, и за определувањето на нејзините граници само во рамките на државните граници.

Светиот синод, со особена чувствителност за темата, одлучи да го препрати на Синодските комисии: а) за догматски и номоканонски прашања и б) за меѓуправославни и меѓухристијански односи, за да го проучат подробно и да му реферираат на Светиот синод за начинот на понатамошно управување со него.

Што се однесува до горенаведеното писмо на Патријаршијата на Србија, ги изразува своите сериозни приговори и резервираност поради: а) употребата на терминот ’Македонска Православна Црква’, што Црквата на Србија ѝ го доделува на Црквата на Охрид, б) поради спомнувањето на ’дијаспора’ на Црквата на Охрид, в) поради евентуалното доделување на автокефалија од страна на Патријаршијата на Србија, бидејќи единствена компетентна за доделување на автокефалија е Сечесната Вселенска Патријаршија.

На крај, Светиот Синод ѝ посакува на Јерархијата на Светата Архиепископија Охридска под Високопреосвештениот Архиепископ г. Стефан конструктивно да го исползува своето враќање во црковното општење и отстранувањето на расколот, избегнувајќи ги претходните етнофилетистички претензии, кои всушност беа сеправославно осудени како ерес од страна на Светиот и велик собор во Константинопол во 1872 година.“


Руска Православна Црква – Московска Патријаршија

Светиот архијерејски синод на Руската Православна Црква, на 25 август 2022 година соопшти (http://www.patriarchia.ru/db/text/5953106.html):

„На 25 август 2022 година, во текот на заседанието на Светиот Синод на Руската Православна Црква беше сослушано соопштението на Светејшиот Патријарх Московски и на цела Рус Кирил за доделувањето автокефалија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од страна на Српската Православна Црква.

Синодот одлучи да Му заблагодари на Господ Бог за решавањето, врз основа на канонски начела, на прашањето за статусот на Православната Црква во Северна Македонија, и да ја признае Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија за автокефална сестринска Црква, запишувајќи го името на нејзиниот Претстоител, Блаженејшиот Архиепископ Охридски и Македонски Стефан во свештените диптиси.

Членовите на Синодот изразија надеж дека најмладата во семејството на автокефални православни цркви – Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија цврсто ќе ја чува, во чистота и непорочност, светата православна вера и ќе ја зачува верноста на канонското православно предание.“

На 12 јануари 2023, на денот на светиот отец Гаврил Епископ Велички, во Лесновскиот манастир, кај Пробиштип, се случи сослужување на Архиепископот Охридски и Македонски Стефан со Волаколамскиот Митрополит Антониј, кој ја извршува и функцијата претседател на Одделот за надворешни врски на Руската Православна Црква – Московска Патријаршија.


Антиохиска Патријаршија

Светиот синод на Антиохиската Патријаршија, на своето заседание од 18 октомври 2022 година, соопшти дека (https://www.antiochpatriarchate.org/en/page/statement-issued-by-the-holy-antiochian-synod-balamand-october-18-2022/2565/):

„Отците Му заблагодарија на Бога, изразувајќи го нивното задоволство поради враќањето на Православната Црква во Република Северна Македонија во евхаристиско општење со целокупната Православна Црква. Тие, исто така, го изразија нивниот копнеж дека општи православен консензус за името и за статусот на оваа Црква ќе биде постигнат што е можно поскоро.“

По оваа одлука, во повеќе наврати имаше сослужувања на архијереи и свештеници од Антиохиската Патријаршија со МПЦ-ОА.


Православна Црква на Полска

Архијерејскиот собор на Полската Православна Црква на 26 октомври 2022 година донесе одлука со која објавува дека (https://www.orthodox.pl/komunikat-kancelarii-sw-soboru-biskupow-15/)

„[Архијерејскиот собор на Црквата на Полска] е запознат со информацијата од Српскиот Патријарх за независноста на Православната Црква во Северна Македонија, и со задоволство ја прифати оваа информација и ја потврди молитвената врска со оваа Црква.“

A на 4 април оваа година, Соборот на епископите на автокефалната Полска Православна Црква ја објави следнава потврда (https://www.orthodox.pl/komunikat-kancelarii-swietego-soboru-biskupow-pakp/):

„Се запознавме со писмото на Српскиот Патријарх за признавање и литургиско и канонско општење со Македонската Православна Црква. Решивме да влеземе во молитвено и литургиско општење со Црквата на Македонија“.


Украинска Православна Црква

На 23 ноември 2022 година се изјасни и Украинската Православна Црква, чиј поглавар е Митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј. Во соопштението од Светиот синод се вели дека (https://news.church.ua/2022/11/23/pidsumki-svyashhennogo-sinodu-ukrajinskoji-pravoslavnoji-cerkvi-vid-23-listopada-2022-roku-video/):

 „Во врска со тоа што на 5 јуни 2022 година Светејшиот Патријарх Српски Порфириј ѝ додели Томос за автокефалија на Македонската Православна Црква, Светиот синод на Украинската Православна Црква одлучи да го внесе во Диптихот на Претстоителите на помесните Православни Цркви името на Претстоителот на Македонската Православна Црква. Името на Блаженејшиот Архиепископ Охридски и Македонски Стефан ќе се спомнува на секое богослужение од страна на Претстоителот на нашата Црква.“


Бугарска Православна Црква

Бугарската Патријаршија, набргу по решавањето на спорот меѓу Македонската и Српската Црква, објави дека влегува во литургиско општење со Македонската Православна Црква. А, на 13 декември 2022 година, на редовното заседание на Светиот синод во полн состав (https://bg-patriarshia.bg/news/reshenie-na-sv-sinod-vav-vrazka-s-dadenata-avtokefalia-na-pr)

„На своето редовно заседание на 13 декември 2022 година, Светиот Синод во полн состав, го разгледа писмото бр. 569/29.09.2022 на Српскиот Патријарх Порфириј, со кое известува дека, по еднодушно решение на Светиот архијерејски собор на Српската Православна Црква, за време на Светата архијерејска литургија на 5 јуни оваа година е врачен Патријаршиски и Соборски томос, со кој ѝ се дава автокефалија на Православната Црква во Р. Северна Македонија, со препорака прашањето за официјалното име да биде решено во братски дијалог со гркојазичните и со останатите помесни Православни Цркви.

По спроведеното гласање,

Светиот синод еднодушно реши:

Со духовна радост, го прима дадениот од Српската Патријаршија Томос на Црквата во Република Северна Македонија. До донесувањето на Сеправославно решение по прашањето на името на Православната црква во Република Северна Македонија:

Светиот Синод го додава во Диптихот на Бугарската Православна Црква – Бугарска Патријаршија за спомнување на Претстоителот на Црквата во Република Северна Македонија со следнава формулација: ’Блаженејши Стефан – Архиепископ Северно-Македонски’.“


Православна Црква на Чешките земји и Словачка

На 7 февруари 2023 година, Светиот синод на Црквата на Чешките земји и на Словачка https://www.eparchiapo.sk/sk/dokumenty/aktuality/spravodajstvo/v-presove-zasadala-posvatna-synoda-pravoslavnej-cirkvi-v-ceskych-krajinach-a-na-slovensku-2023

„[Светиот синод на Црквата на Чешките земји и на Словачка] се запозна со писмата на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за воспоставувањето на евхаристиско општење со епархиите во Северна Македонија, како и со писмата на Српскиот Патријарх Порфириј за враќањето на Црквата во Северна Македонија во канонската структура на Српската Православна Црква и за доделувањето автокефалија на Православната Црква во Северна Македонија со Патријаршискиот и Синодски томос од 20 мај 2022 година. Овие канонски одлуки на сестринските Православни Цркви се прифатени со благодарност кон Господ поради окончувањето на долготрајниот раскол.“

Архијереите и свештенството од оваа Црква, и пред оваа одлука веќе имаа воспоставено литургиско општење со МПЦ-ОА.


Романска Православна Црква

Архијерејскиот собор на Романската Патријаршија, на својата седница на 9 февруари 2023 година ја донесе следната одлука (https://basilica.ro/noi-hotarari-ale-sfantului-sinod-al-bisericii-ortodoxe-romane-12/ ):

 „Го прифаќа признавањето на автокефалноста, доделена на Црквата од Северна Македонија под името ’Архиепископија Охридска и на Северна Македонија, со седиште во Скопје’, од страна на Српската Патријаршија преку Синодскиот томос, издаден на 5 јуни 2022 година. Нејзиниот Претстоител ќе биде спомнуван со титулата ’Блажениот отец Стефан, Архиепископ на Охрид, на Скопје и на Северна Македонија’.“


Грузиска Православна Црква

Светиот синод на Грузиската православна црква на својата седница на 14 февруари 2023 година ја донесе следната одлука (https://patriarchate.ge/news/3146):

„На синодската седница се разговараше за прашањето за Македонската православна црква. Извештај даде претседавачот на одделот за надворешни работи на Грузиската Патријаршија, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Зугдидиско-цаишки г. Герасим (Шарашенидзе). Тој ги запозна членовите на Синодот со писмото што ни го напиша поглаварот на Српската црква, Неговата Светост Патријархот Порфириј (Периќ), во кое се вели дека расколот е исцелен и евхаристиската врска со Православната Црква во Северна Македонија е обновена, а Српскиот патријарх ѝ дал Томос за автокефалност на споменатата црква.

Автокефалноста на Македонската црква, покрај Српската, ја признаа и црквите на Русија, Бугарија, Романија, Чешка и Словачка, а без да ја признаат автокефалноста, следните цркви се приклучија кон евхаристиската заедница со неа: Цариградската Патријаршија, Антиохиската Патријаршија, Црквата на Грција и Црквата на Полска.

Светиот синод одлучи: Грузиската црква да стапи во евхаристиска заедница со Православната црква во Северна Македонија, на чело со Неговото Блаженство Архиепископот Стефан (Вељановски).“


Православна Црква на Албанија

Светиот Архијерејски Синод на Црквата на Албанија на 24 февруари 2023 го издаде следното соопштение (https://orthodoxalbania.org/2020/el/2023/02/24/ἀνακοινωθέν-ιερα-συνοδοσ-ορθοδοξοσ/):

„Светиот синод на Православната автокефална Црква на Албанија, за време на заседанието одржано на 23 февруари 2023 година, под претседателство на Блаженејшиот Архиепископ г. Анастасиј, повтори дека срдечно ја поздравува одлуката на Светиот и Свештен синод на Вселенската Патријаршија од минатиот мај 2022 година, дека ги прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на Црквата под Архиепископот Стефан… Го признава како име на оваа црква ‘Охридска’ (подразбирајќи ја областа на нејзината јурисдикција само во границите на државата Северна Македонија).

Во изминатиот период Православната Црква во Албанија не пристапи кон некаква јавна изјава, имајќи насочен поглед кон окончување на наложените црковни процедури. Апсолутно согласна дека преку спомнатата Одлука, која е најшироко прифатена, се исцелува раната на постоечкиот раскол и се обезбедуваат мирот и единството на сета полнота на Црквата за која станува збор, го очекува дефинитивното регулирање на автокефалниот статус и на точното име на новата помесна Црква од компетентниот сечесен Центар на Вселенската Патријаршија.“


Александриска Патријаршија, Ерусалимска Патријаршија и Православна Црква на Кипар

До овој момент немаат донесено одлука во врска со статусот на МПЦ-ОА, но до сега сите овие цркви имале сослужување со нашата црква.


Православна Црква на Америка

Во Северна Америка функционира и Православната Црква на Америка (Orthodox Church of America – OCA), која е канонска црква, но нема општоприфатен автокефален статус. Таа Црква исто така нема донесено одлука во врска со прифаќањето на статусот на МПЦ-ОА, но до сега сослужувала со МПЦ-ОА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *