Православните верници денеска го обележуваат почетокот на Велигденскиот пост. Овој пост се нарекува и Чесен, поради неговата посебна важност, но и поради должината. Се нарекува и преподобен затоа што го опфаќа времето на страдањето на Исус Христос. Заедно со воздржувањето од силна и мрсна храна, уште поважно за постот е воздржувањето од гнев, лоши мисли и дела.
Велигденскиот пост секогаш започнува во понеделник – првиот понеделник од постот се нарекува Чист, како и првата седмица од постот.
Обичај е за време на првата – Чиста недела да се подготвува целата куќа. Се верува дека денес е добро да се започне голем бизнис, бидејќи ќе биде успешен.
Велигденскиот пост трае 48 дена и е најдолгиот пост во годината, кој завршува со празникот Воскресение.
Верниците кои постат во текот на целиот пост треба да постат на вода, освен во сабота и недела, кога е дозволен пост на масло и консумирање вино.
Исто така, риба може да се јаде и на празникот Благовец и Цветници. Кај нас е познато дека повеќето верници постат најмногу во првата и последната недела од постот и тоа на вода.
За време на Великиот пост верниците пристапуваат кон покајанието, простувањето и молитвата, а целта е достојно да го дочекаат најголемиот христијански празник.
Извор: vecer.press