Сите граѓани што во текот на минатата година оствариле поголем приход од закупнини, авторски хонорари, па и од членувања во надзорни одбори од 1.000.000 денари, мораа да се регистрираат како обврзници на ДДВ најдоцна до 15 јануари. Во основицата за пресметката влегува и платениот персонален данок, со што се влезе во зоната на двојно оданочување, спротивно на Европската конвенција.
Веќе трета година по ред се применува скандалозно даночно решение со кое сите граѓани, кои во текот на една година остваруваат поголем приход од 16.000 евра, надвор од платите, автоматски стануваат регистрирани обврзници на данокот на додадена вредност, и тоа во наредните 5 години!
Даночните експерти велат дека тие упатиле отворени критики за „даночниот пуч“ преку кој е „протната“ оваа обврска за граѓаните, како и за фактот дека на овој начин се врши двојно одaночување, при што данокот на додадена вредност се пресметува на даночна основа во која е влезен платениот персонален данок, што е спротивно и на Европската конвенција за двојно оданочување.
Граѓаните, пак, сметаат дека проблемот не бил доволно актуелизиран и дека се оставил простор за да им се наметне уште еден данок, иако тие за сите приходи, надвор од платите, веќе го плаќаат персоналниот данок од 10 проценти.
– Во јавноста многу лесно помина еден данок што досега не постоеше за нас, граѓаните. Уште пострашно е што многумина од нас и не беа информирани, иако од УЈП велат дека уште од 2015 година сме требале да знаеме за оваа обврска. Да биде иронијата уште поголема, ние треба да се претвориме во сметководители и да внимаваме на вкупните приходи по разни основи, за да не надминат 1.000.000 денари, односно околу 16.000 евра. На пример, ако сме издавaле деловен простор и за тоа, во текот на годината, сме добиле 995.000 денари, ние не сме даночен обврзник. Ама ако, на пример, дополнително сме добиле и хонорар од 6.000 денари, е тогаш сме даночен обврзник со поголеми приходи од 1 милион денари. Доколку, пак, се случи на тој хонорар да го заборавиме и не се пријавиме за регистриран даночен обврзник, тогаш следувaат казни – објаснува револтираниот граѓанин што се јави во нашата редакција.
„Даночен инженеринг“ за повеќе пари во Буџетот
Претседател на Здружението на даночни советници, Павле Гацов, вели дека граѓаните во системот на ДДВ се внесени на мала врата, без измени на Законот и со помош на агресивно толкување на истите даночни прописи кои не се променети од почетокот на нивното донесување.
– Дефиницијата на категоријата „даночен обврзник“ за целите на ДДВ не е променета од првиот ден на примената на Законот за ДДВ, односно од 1 април 2000 година. Според членот 9 на овој Закон, даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност. Но, она што се промени, е проширување на дефиницијата за тоа што е стопанска дејност со едно толкување од УЈП. Со тоа толкување, граѓаните што остваруваат поголем приход од 1.000.000 денари, станаа даночни обврзници врз основа на приходите остварени од закупнини, од договор на дело, но и од авторски хонорари, дури и надомести остварени по основ на членства во надзорни одбори – вели Гацов.
Тој појаснува дека во Законот за ДДВ, под стопанска дејност се подразбира „секоја дејност на производителите, трговците и лицата што извршуваат услуги, која има за цел остварување приходи, вклучувајќи ги дејностите од областа на рударството, земјоделството и шумарството, како и отстапувањето на материјални и нематеријални добра за нивно користење.“
– Новото толкување од УЈП дојде со намалувањето на прагот за регистрација на 1 милион оданочлив промет. Но, зошто тогаш, кога овој праг изнесуваше 2 милиона денари, а потоа и 1,3 милиони, граѓаните што го надминуваа, не беа вклучувани во системот на ДДВ. Дали тогаш даночниот орган бил неук? Очигледно, нашиот даночен систем полека ја напушта патеката на конзистентност и правна сигурност и на скриен начин се редефинира. Тоа се прави во услови на ниски даноци и виски фискални трошоци.
Основно правило и во даночното право е новините да се применуваат од сега во иднина, а не наназад. И второ, со ваквото решение, граѓаните плаќаат данок и за данокот кој и така го прибира државата – посочува Гацов.
Еднаш обврзник, пет години должник
Според регулативата, ако граѓаните, на пример, заклучно со април 2016 година, заработиле над 1.000.000 денари, тие имаат обврска да се регистрираат како обврзници за ДДВ до 15 мај. Најдоцна, регистрацијата за вкупните приходи од претходната година, може да се направи до 15 јануари наредната година.
Ако граѓаните на време не се регистрираат, предвидени се разни казни, а според сметководителите, многумина може да ги „закачи“ и комбинираното казнување од 740 евра. Имено, за оние граѓани што имале обврска, а не се регистрирале за ДДВ обврзници, казната е од 120 до 180 евра. За ненавремено пријавување на надминатиот износ од 1.000.000 денари, казната е од 150 до 225 евра и за неподнесена даночна пријава казната е од 275 до 335 евра.
Кога еднаш, пак, граѓанинот ќе се регистрира како обврзник за ДДВ, од тој регистар не може да излезе наредните пет години, па дури и во тие години да остварува дополнителни приходи од по само 500 денари.