Сите земји од Западен Балкан имаат перспектива за членство во Европската унија, но тоа ќе се случи по 2019 година, соопшти претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во интервју за група хрватски и словенечки новинари.
Јункер на оваа средба со хрватско-словенечките новинари, исто така посочил дека на американскио потпретседател Мајк Пенс, при нивната завчерашна средба во Брисел му посочил дека е лоша вест за Западниот Балкан што „некои од новата американска администрација даваат впечаток дека ЕУ се разводнува“.
– Јас имам намера да го посетам Западниот Балкан, но во тоа ме блокираат моите луѓе, бидејќи сакаат да бидам во Брисел. Тие не можат да ни се приклучат до 2019 година, но ќе ни се приклучат подоцна, потенцираше Јункер.
Челникот на неформалната Влада на Европската унија, исто така додаде дека е проблем ако некој во САД говори за ЕУ дека е во распаѓање и дека и другите земји треба да го следат Брегзитот, дека тоа е лоша вест „за пријателите на ЕУ на Западниот Балкан.