„Искрено, на една рака се бројат кафетериите во кои би пиел и би уживал редовно во консумирањето кафе, па мојот совет е добро да го бирате местото каде што пиете кафе и никогаш да не оставате кафето да ви се олади. Еспресото се пие до минута и пол, но кај нас тоа е ретка пракса““, раскажува Дејан Богоески, кој повеќе од една деценија работи како бариста.
Кафето е секогаш добра идеја, зарем не? Дејан Богоески од Скопје повеќе од една деценија работи ако бариста и на пената од кафињата прави вистински уметнички дела.
Тој за CRNOBELO.com споделува детали од својата професија:
Колку време го работиш ова и дали Македонците се доволно информирани во поглед на кафињата?
Во угостителството сум повеќе од 20 години, а како професионален бариста работам повеќе од една деценија. Кога станува збор за Македонците, последниве години расте кафе-културата и љубопитноста за доброто и квалитетно кафе. Дел од луѓето веќе умеат да препознаат места каде што можат да се напијат добро кафе.
Како правилно се пие еспресо? Дали навистина во една голтка како Италијанците или…?
Еспресото се пие до минута и пол, но во Македонија тоа е ретка пракса.
Кога станува збор за еспресото, на италијански термините се ристрето – кратко, еспресо – средно и лунго – продолжено еспресо. Допио е двојно еспресо.
За тебе највкусно кафе е…
За мене е најдобро краткото еспресо.
Што сè знаеш да нацрташ? На што си најмногу горд?
Лате арт ми е пасија, а најмногу сум среќен кога на некој од гостите ќе му го нацртам ликот на кафето.
Што ти е најтешко за цртање и зошто?
Нема нешто што ми е особено тешко да го нацртам, доколку нешто ми се допаѓа го вежбам до тоа ниво кога мене лично ми се допаѓа.
Како реагираат клиентите кога ќе им донесеш кафе што наликува на мини уметничко дело?
Тоа е посебен момент кој би сакал секој во својата работа да може да го види и да го почувствува. Гостите дали од Македонија или од странство кога ќе го добијат своето кафе реагираат прекрасно, нивните импресии ме прават многу задоволен.
Постојат ли некои правила околу консумирањето на кафе?
Кафето се дегустира и се пие за задоволство, посебни правила не постојат.
Колку време ти одзема цртањето на едно кафе?
Една минута.
Како се прави квалитетна пена за цртежот да издржи долго? Во што се крие тајната?
Млечната крема или пена се добива од квалитетно и добро подготвено млеко, односно млечна крема и пожелно е млекото да содржи идеални количини на масленост и протеини. Тоа е тајната.
Извор: crnobelo.mk