Поради позитивната епидемиолошка состојба со болеста африканска чума кај свињите, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение со кое се олабавуваат мерките за заштита од вирусот.
Се укинуваат заштитната ( 3 км) и зоната под надзор (10 км) околу двете жаришта во Делчевско, каде, во координација и соработка со локалната самоуправа, Министерството за внатрешни работи, ветеринарните друштва и одгледувачите на свињи, со цел спречување на ширење на вирусот, успешно беа спроведени мерките за ерадикација (убивање и нештетно закопување на свињите во заштитната зона) и депопулација со економско искористување на месото во зоната под надзор и другите мерки за заштита, дефинирани во претходно донесените решенија. За ставање на состојбата со болеста под контрола, од нејзиното појавување досега, АХВ веднаш го активира Националниот центар за контрола на болести, спроведен беше вонреден попис на сите одгледувалишта на свињи и проверка на воспоставената категоризација на фармите во однос на воведените безбедносни мерки, а засилена беше и соработката со Ловечката федерација, здруженијата на одгледувачи на свињи, Ветеринарната комора и Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство со кои се одржаа неколку работни состаноци.
„ Комерцијалните фарми и некомерцијалните одгледувалишта во високоризичната зона во која влегуваат општините во пограничната линија со Република Бугарија и Република Србија, заклучно со 1 април треба да воспостават високи биосигурносни стандарди, односно доколку истите не се категоризираат како одгледувалишта со низок или среден ризик, кај нив ќе се спроведе мерка за депопулација на трошок на одгледувачите. Со последното решение се засилува пасивниот надзор на одгледувалиштата, во големите свињарски фарми и во ловиштата, на целата територија на земјава “ информира Николче Бабовски, директор на АХВ.
Одгледувачите на свињи должни се да ја следат здравствената состојба на свињите и за секоја промена да го информираат официјалниот ветеринар или надлежното ветеринарно друштво, а големите фарми имаат обврска од секоја угината свиња да испратат мостри за лабораториско испитување. Ловните друштва, како што вели Бабовски, треба еднаш неделно да вршат пребарување на ловиштата за пронаоѓање на угинати диви свињи и за тоа да пратат извештај до официјален ветеринар. Од секоја угината дива свиња која ќе биде пронајдена задолжително треба да се прати мостра за лабораториско испитување за утврдување на присуство на вирусот на африканска чума кај свињите.
„ Се засилува отстрелот на диви свињи во сите ловишта, независно од дозволениот број за отстрел со ловностопанските основи. Мостра од секоја застрелана дива свиња задолжително треба да се прати за лабораториско испитување, а месото ќе може да се консумира само откако ќе се добие негативен резултат од анализата за утврдување на присуство на вирусот. Во текот на ловот мора да се почитуваат бисигурносните мерки при лов, а обработката на месото од застреланите диви свињи да се врши исклучиво во строго определени градежно уредени објекти/простори за расекување, обработка и чување на труповите“ потенцира тој.
Се забранува прихранување на диви свињи, освен за намамување за отстрел. Останува забраната за работа на добиточните пазари, организирање на изложби и други настани во присуство на животни од видот свињи. Нема промени и во однос на забраната за држење на свињи на отворено и колење на свињи во домашни услов.
Повторно населување (репопулација) во одгледувалиштата на свињи согласно решението, е дозволено по укинување на наредените мерки за контрола и ерадикација на болеста, само во одгледувалишта кои се категоризирани со низок и среден ризик. Доколку се утврди дека е вршена репопулација пред укинување на наредените мерки, или репопулацијата е извршена во нерегистрирани одгледувалишта односно одгледувалишта кои се категоризирани со висок ризик, но и ако се затекнат свињи без доказ за потеклото (неидентификувани и без сертификат за здравствена состојба) ќе се изврши нивно одземање, убивање и нештетно отстранување без надомест, на товар на одгледувачот.