АртКујна за нашиот Дејан Донев: Заразен вински ентузијаст, дегустира, едуцира и здружува вино, храна и луѓе во своето интимно винско катче

Некои велат, плукнат Даме Груев, други пак, Христо Ботев. Споредбата е главно поради брадите, иако тие не се единствената сличност. Сите се револуционери…Првите двајца, во борбата за ослободување од османлиското ропство, а нашиов, Дејан Донев прави револуција во винската култура…Тивко, полека, со многу дегустации и круг на вински пријатели кои концентрично се шири, а центарот е – неговата Винска соба

Не е скопјанец, туку е наш каменичанец! А поради него Скопје е побогато за еден од најзначајните настани кој се чека со нетрпение секоја година. Станува збор за Скопскиот вински салон – Винодонија. И не е само тоа. Дејан Донев е основач и на таканаречената Винска соба, сместена во зградата над Пјаца Либерта, карши гимназијата Јосип Броз Тито.
Во мај годинава овој вински клуб во нашиот град ќе полни точно две години. Наместо како дотогаш, кога пријателите на Дејан, инаку, како и тој, големи љубители на вино, се собирале во неговиот стан во Тафталиџе за да уживаат во вината што Дејан или некој од нив ќе ги донел од некое патување во странство, сега местото на тие нивни интимни вински дегустации е оваа Винска соба. Иако сега, веќе не станува збор само за најблиските пријатели на Дејан, туку гости во Винската соба се сѐ повеќе луѓе кои многу често кога еднаш ќе дојдат за да видат како изгледа една винска дегустација, се навлекуваат на овие дружби па стануваат и редовни посетители.

Многу често, всушност, најчесто, освен двајца-тројца постојани гости, на големата дрвена маса во винската соба се наоѓаат луѓе кои се меѓусебе тотални странци. Отпрвин, односно, при послужувањето на првото вино (секоја дегустација се состои од испробување на 6-7, па дури и 8 различни вина), околу масата е прилично тивко, па покрај тивката музика, тивки се и луѓето кои дегустираат и им поставуваат прашања на производителот на виното кое се дегустира, сопственикот на винаријата, самиот Дејан или некој друг познавач на оние вина кои се ѕвезди на вечерта. Но веќе после второто, третото, четвртото, и така натаму, испробано вино, атмосферата се стоплува, гласовите стануваат погласни, а луѓето кои седнуваат околу масата како странци, стануваат пријатели кои разменуваат мислења за тукушто испробаните вина, си ги подаваат чиниите со деликатеси кои добро одат со вино, како кашкавал, пршут, суви домати, крекери, интересни намази и задолжително, многу, многу вода и по секоја голтка, прават живели, чиарс, чин-чин или на здравје, во зависност од тоа од каде се гостите.

И секако, на одење, сите го прашуваат Дејан, кога ќе биде следната дегустација и кои вина ќе се дегустираат.
Ние, од Арт кујна, го запознавме Дејан кога не покани на првиот скопски вински салон кој се одржа во 2016-та во тогаш новоотворениот хотел Мериот, каде што изложуваа околу 30 винарии, за подоцна, низ годините, бројот на винарии да се искачи на 80 винарии со импресивни 600 етикети на вино.
Тој во овој период веќе беше длабоко навлезен во винскиот свет во кој сега плива сигурно, како риба во вода.
„Додека бев дома, во Македонска Каменица, ниту кај нас дома, ниту пак во тоа време генерално секаде, немаше винска култура. Се знаеше, од бело се пиеше Смедеревка, а од црвено Витач или Кавадарка. По доаѓањето на студии во Скопје, првично почнав да се запознавам со виното преку фестивалот Виноскоп. Тука, иако немаше таков избор на вина како сега, сепак имаеше можност да се испробаат повеќе вина на едно место. Имаше 15-20 штандови, а виното се продаваше по промотовни цени, па можеше да се пробаат повеќе“, се потсетува Дејан.

Целиот текст од artkujna.mk ОВДЕ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *