На втората ноќ на фестивалот „Егзит“, синоќа дури 49.000 посетители заедно со бројните изведувачи на Петроварадинската тврдина во Нови Сад направија петокот да биде навистина во духот на овогодишниот слоган – магичен, пренесуваат српските медиуми.
Титулата „прв меѓу еднаквите“ синоќа очекувано ја освои најголемиот продуцент на денешницата, Дејвид Гета, со аудио-визуелен спектакл каков што ретко се гледа. Главната сцена на „Егзит“ изгледаше како голема машина од која во непрекинат микс беа испорачувани специјални верзии на најголемите поп и денс хитови „Hey Mama (ft. Nicky Minaj)”, „Titanium”, „Who’s That Chick (ft. Rihanna), „Love Takes Over”, „Without You” и бројни други хитови кои хорски се пееа на главната бина.
Францускиот хитмејкер, кој веднаш од Нови Сад отпатува за Париз на генералната проба од својот настап на завршницата на ЕУРО 2016, на крај и се заблагодари на публиката со зборовите:„Ти благодарам „Егзит“, уживав овде и претходно, но ми се чини дека годинава беше најдобро досега“.
За жешката атмосфера придонесе и „докторот“ на фанк музиката Џорџ Клинтон кој направи вистински урнебес на сцената со огромен бенд чиј точен број на членови никој не успеал да го преброи.
Групата „Парламент- Фанкаделик“ покажа зошто штитеникот на Џорџ, Принс лично го воведе во Рокенрол куќата на славните заблагодарувајќи му се на антологиските песни „Give Up the Funk”, „One Nation Under a Groove”, „Flash Light” и познатата „Atomic Dog”.
„Икс бејс “ програмата на главната бина синоќа го оправда својот статус на фестивалот, а ѕвезда на вечерта беше лондонскиот хитмејкер Вилкинсон. До раните утрински часови публиката на нозе ја држеа „Конго Нати“ и Сара Фарина.
По легендарниот настап на Соломун, делуваше дека ѕвездите на Денс Арената имаат недостижна задача, но водечкиот хаус продуцент на денешницата Масео Плекс беше на ниво на својата задача. Теренот одлично му го подготвија Џекмастер и дуото „Мајнд агаинст“ додека најдобра музичка подлога за утрото приредија бразилскиот диџеј Хернан Катанео и Хенри Саиз.
На третиот фестивалски ден, за вечерва се најавени настапите на пустинските туарези „Тинаривен“, српскиот бенд „Дисциплина кичме“, британскиот инди-рок бенд „Ваксинс“ кои ќе настапат по полноќ, a потоа следи диџеј-сет на британскиот електро бенд Модстеп.
На Денс арената публиката вечерва ќе ја забавуваат диџеј ѕвездите Ники Ромеро и Робин Шулц, а Фјужн стејџот ќе биде збогатен со настапите на регионалните бендови „Лолобриџида“, „Били Андол“, „Атеист рап“, „Исказ“, и Британците „Даб пистолс“.
Фестивалот ќе биде затворен в недела, 10 јули, со настапите на британскиот рапер Стромзи, главната ѕвезда на вечерта – американската рап-ѕвезда Виз Калифа и култниот британски бенд „Продиџи“.
На Денс Арената ќе настапат познатите диџеј Ричи Хотин, Дејв Кларк, Марко Карола и руската диџејка Нина Кравиц.