По новиот Дом на култура, ќе биде пуштена во употреба и Куќа на спортот во Македонска Каменица

Изминатиот викенд, во Македонска Каменица свечено беше пуштен во употреба новиот Дом на култура. Објектот има површина од околу 900 метри квадратни, располага со сала за кинопроекции и други културни настани, сала за проби на културно-уметничкото друштво, библиотека, читална, изложбен простор, гардероби и канцелариски и помошни простории.

За отварањето се оддржа тридневна културна програма на која настапија локални бендови, КУД „Вера Јоциќ“, дечињата од локалното талент шоу „Јас имам талент“, „Пламенка Трајковска гудачки квартет“, театар „Колозов“ и „Бајса Арифовска и пријателите“. Очекувано, најголем интерес кај локалната публика предизвика настапот на македонското музичко чудо, каменичанката Бајса Арифовска.

За периодот што претстои, односно во наредните десетина дена, во употреба ќе биде предаден уште еден супермодерен објект, новата гордост на каменичани – Куќата на спортот. Овој објект зафаќа вкупна површина од околу 500 метри квадратни, и покрај соблекувални има и канцелариски простории за ФК „Каменица Саса“, простории за другите локални спортски клубови, сала за состаноци и фитнес центар, кој ќе биде опремен со средства од Рудник „Саса“.

Со изградбата на овие два објекта значително се подобрува квалитетот на живот во Македонска Каменица, а се создаваат речиси беспрекорни услови за делување на културните и спортските работници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *