Вечерва започна “Евровизија”. Нашата Јана ќе настапи во четврток

Вечерва со почеток од 21 часот нè очекува првата од трите фестивалски вечери на годинешното, 62. по ред издание на „Евровизија“, во чии рамки се натпреваруваат 42 земји. Од осумнаесетте полуфиналисти вечерва, само десет ќе си обезбедат пласман во големото финале, каде што ќе им се придружат на домаќинот Украина и земјите од „големата петка“.

Честа прв да настапи на сцената на Меѓународниот изложбен центар во Киев ќе ја има шведскиот претставник Робин Бенгтсон, а последна, под реден број 18, ќе запее Тријана Парк, која ќе ги брани боите на Летонија. За место во финалето денеска ќе се борат и претставниците на нашите соседи Албанија и Грција, како и на Црна Гора и Словенија.

  1. Шведска
  2. Грузија
  3. Австралија
  4. Албанија
  5. Белгија
  6. Црна Гора
  7. Финска
  8. Азербејџан
  9. Португалија
  10. Грција
  11. Полска
  12. Молдавија
  13. Исланд
  14. Република Чешка
  15. Кипар
  16. Ерменија
  17. Словенија
  18. Летонија

Покрај земјите кои се натпреваруваат вечерва, за своите фаворити ќе можат да гласаат и жителите на Италија, Шпанија и Велика Британија, а освен преку телефон може да се гласа и преку бесплатната евровизиска апликација. Директниот пренос, кој кај нас ќе може да се следи на првата програма на МРТ, ќе биде овозможен и на интернет, преку официјалниот евровизиски канал на Јутјуб.

Следните десет финалисти ќе ги дознаеме во второто полуфинале в четврток, 11 мај, кога настапува и нашата Јана Бурческа. Среќно!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *