Најголемиот стопански капацитет на подрачјето на Македонска Каменица, Рудникот за олово и цинк „Саса“ уште еднаш ја покажува својата силна општествена одговорност. Имено, Рудникот ја продолжи традицијата и набави нова спортска опрема за сите локални спортски клубови. Нова опрема и спортски реквизити ќе добијат Фудбалскиот клуб „Каменица Саса“, Футсал клубот „Рудник Саса“, Кошаркарскиот клуб „Баскет Кам“, Училишниот ракометен клуб „Астра спорт“, а донација е предвидена и за Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, како и за неколку локални здруженија на граѓани.
Во десетте години од рестартирањето на Рудникот „Саса“, континуирано се доделува финансиска поддршка за сите спортски клубови, се донира во училиштата, детската градинка, здравството, а реализирани се и низа проекти од пошироко општествено значење. Рудникот донираше и за промена на кровот и столаријата во училиштето во село Саса, во изградбата на нов детски парк во Македонска Каменица, во изградбата на „Парк на рударите“ во централното градско подрачје, во реализација на речиси сите културни настани и манифестации, а спроведени се и редица други активности од хуманитарен карактер.
Ваквата практика, според најавите на раководството во Рудник „Саса“, ќе продолжи и во наредниот период и тие активно ќе учествуваат во развој на сите сегменти од општествениот живот.