Почина „Ѕверот“ на Коза Ностра


Италијанскиот мафијаш, поранешен шеф на „Коза Ностра“ Тото Риина, почина денеска на 87-годишна возраст во италијанскиот град Парма, информира „Република”.

Нарекуван со прекарите „Ѕвер“, поради вродената суровост, и „Ситниот“, поради нискиот раст, Тото Салваторе Риина беше уапсен на 15 јануари 1993 година и осуден на доживотен затвор за повеќе кривични дела, вклучително и за организирање на убиствата на двајцата најпознати борци против мафијата во Италија – обвинителите Џовани Фалконе и Паоло Борселино.

Во 80-тите и на почетокот на 90-тите години, Риина и неговиот клан Корлеоне, победувајќи ги конкурентските фамилии, станаа водечката група на организираниот криминал во Италија.

По убиството на двајцата обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино, италијанската полиција спроведе масовни апсења, при кои беше уапсен и осуден Риина и голем дел од неговите соработници.

Во текот на последните денови, по две претходни операции, Риина беше во состојба на кома. Италијанскиот министер за правда Андреа Орландо дозволи неговите блиски да го посетуваат „кумот“ во болницата во Парма, каде се наоѓаше на лекување.

Здравствената состојба на Риина се влоши по две операции, направени откако му беше дијагностициран рак. Пред тоа адвокатите на Риина постојано се обраќаа до Врховниот суд на Италија со барање да се промени затворската мерка поради тешката болест и да му се даде „можност да умре со достоинство”. Сите вакви барања беа одбиени.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *