29 ноември 2016 (МИА)
– Меѓународен ден на солидарноста со палестинскиот народ
1314.- Умре францускиот крал Филип IV Убавиот, кој во 1306 година од Франција ги протера сите Евреи и им го конфискуваше имотот. Во судирот за превласт го надмина папата Бонифаци VIII и ја пренесе папската столица во Авињон. Заради зајакнување на позицијата во борбата против ватиканските курии, во 1302 година првпат во историјата на Франција свика Собрание на трите сталежи со што граѓанскиот сталеж почна да учествува во политичкиот живот на земјата.
1516.- Во Венеција умре италијанскиот сликар Џовани Белини. Наслика многу композиции и портрети. Им беше учител на Џорџоне и Тицијан. Тој е еден од создавачите на таканаречената Венцијанска ренесанса. Роден е во Венеција, во 1426 година.
1543.- Умре германскиот сликар Ханс Холбајн Младиот, еден од најзначајните светски портретисти. Посебно место заземаат портретите од англиското аристократско друштво, изработени со креда во кралскиот дворец во Виндзор, каде беше дворски сликар на кралот Хенри VIII.
1643.- Во Венеција умре Клаудио Монтеверди, еден од најистаканатите италијански оперски композитори од епохата на барокот. Роден е во Кремона, на 4 декември 1567 година.
1780.- Умре австриската царица, чешка и унгарска кралица Марија Терезија, која во текот на владеењето од 1740 до нејзината смрт ги спроведе реформите во духот на просветниот апсолутизам, но вршеше и германизација и насилно покатоличување.
1797.- Во Бергамо е роден Гаетано Доницети, италијански оперски композитор, романтичар, творец на лесна и убава музика, полна со драмска динамика. Негови познати дела се: “Ќерката на полкот”, “Дон Пасквале”, “Лучија ди Ламермур” и “Љубовна напивка”. Умре во Бергамо, на 8 април 1848 година.
1864.- Во Сенд Крик во американската држава Колорадо единицата на полковникот Џон Чивингтон масакрира најмалку 400 Чеени и Апачи, кои се предадоа и им беше ветена заштита на местото каде се населија.
1890.- Отворено е заседанието на првото јапонско собрание.
1895.- Роден е американскиот филмски режисер и кореограф Вилијам Беркли Инос, познат како Базби Беркли, кој го втемели принципот на мјузиклот како филмски жанр. Филмови: „Копачи на злато 1933“, „Холивудски хотел“, “Бебе на Бродвеј“, „42. улица“, „Римски скандали“.
1902.- Роден е италијанскиот писател Карло Леви, автор на романот „Христос застана во Еболија“, во кој го опишува тешкиот живот на италијанските селани за време на фашизмот. Во тоа време беше интерниран на југот на Италија.
1924.- Умре италијанскиот композитор Џакомо Пучини. Неговите опери се одликуваат со силни емоции, патетичност и сентименталност. Дела: операта „Боеми“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Турандот“, „Манон Леско“, „Девојката од Запад“, „Џани Скики“.
1926.- Во Тетово е пуштена во редовно производство хидроелектраната “Пена”, прв и најстар хидроенергетски објект во Македонија. Изградена е во периодот од 1924 до септември 1926 година. Инвеститор беше Тетовското индустриско акционерско друштво формирано на иницијатива на Михајлович, руски емигрант кој живееел во Тетово.
1932.- Роден е францускиот државник Жак Рене Ширак, премиер од 1974 до 1976 и повторно во 1986, а претседател на Франција од 1995 до 2007 година.
1943.- Во Јајце почна Второто заседание на АВНОЈ. Беше основан Националниот комитет за ослободување на Југославија. Декларативно беше одлучено „Југославија да се изгради на демократски федеративен принцип како заедница на рамноправни народи“, а на кралската влада која пребегна и беше забрането враќање во земјата.
1943.- Народноослободителниот комитет на селото Сливово, Охридско, ја изрече првата пресуда. Воедно тоа е и првата пресуда што ја изрекоа органите на народната власт во НОВ на територијата на Македонија. Сослушувањето и пресудата ја изрече Танаско Трајковски, а се однесуваше за разрешување на имотните односи меѓу тројца селани. Странките се согласија со донесената пресуда.
1945.- Во Југославија беше укината монархијата и сите права на кралот Петар II Караѓорѓевиќ.
1947.- Генералното собрание на Обединетите нации изгласа поделба на Палестина, на еврејски и палестински дел. Ерусалим беше под контрола на Светската организација, а тоа во 1948 година овозможи создавање на државата Израел.
1949.- Во Скопје, на платото пред некогашната Женска гимназија е откриен Споменикот на паднатите борци во НОВ на Македонија. Изработен е во бронза, а е дело на хрватскиот скулптор Иван Мирковиќ.
1962.- Велика Британија и Франција потпишаа спогодба за изработка на суперсоничен авион од типот “Конкорд”.
1973.- Во Маврови Анови е формирано Здружението на радиостаниците во Република Македонија.
1981.- Умре американската филмска глумица Натали Вуд, која стана филмска ѕвезда уште како дете („Чудо на 34. улица“). Останати филмови: „Бунтовник без причина“, „Сјај во трева“, „Трагачи“, „Приказна од западната страна“.
1987.- Јужнокорејски авион со 115 патници и членови на екипажот се урна врз Бурма. Во Бахреин потоа беше уапсена жена која призна дека е севернокорејски агент и дека го поставила експлозивот во авионот по наредба на нејзината влада со цел да се спречи одржувањето на Олимписките игри во Сеул во 1988 година.
1990.- Советот за безбедност на Обединетите нации усвои резолуцијата за употреба на сите мерки за истерување на Ирачаните од Кувајт доколку ирачките трупи не се повлечат до 15 јануари 1991 година.
1991.- Д-р Ксенте Богоев е избран за нов претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
2001.- Умре англискиот музичар Џорџ Харисон, поранешен член на „Битлси“, легендарната четворка од Ливерпул. Иако беше во сенка на тандемот Џон Ленон и Пол Макартни, значително придонесе во опусот на музичката група и создаде повеќе незаборавни песни.