Во периодот од месец септември 2005 до месец јуни 2006 година, во Рудник „Саса“ се спроведуваат подготвителни активности за отпочнување со производство. Според Максим Прохоров – директорот за развој и инвестиции, овој период е од особено значење за денешното успешно функционирање на Рудникот.
Развојот и инвестициите се меѓусебно поврзани и се неделив фактор во постоењето на секој деловен потфат. Тие се основен услов за добро и квалитетно работење, за една просперитетна иднина. Тоа важи за секој стопански субјект, а тоа секако, се однесува и на Рудникот „Саса“.
До 2005 година, со стекнување на делот од стечајниот имот од страна на новиот сопственик – компанијата Ромтрејд (подоцна преименувана во Солвеј), рудникот бил надвор од функција веќе неколку години. Во недостиг на финансиски средства, неговото „ладно“ оддржување, дозволувало само зачувување на дел од јамските инфраструктурни, како и дел од површинските објекти. Новиот сопственик, кој во тој момент уште немал ниту концесија за експлоатација, која е доделена во посебна постапка во месец март 2006 година, требало да донесе ризична одлука за отпочнување со инвестирање во рудникот со цел што побргу да се отпочне со редовно производство. И покрај неповолните пазарни околности и бројните ризици, таква одлука била донесена, била направена финансиска конструкција која овозможила веќе во месец септември 2005 година, да се отпочне со подготвителни активности. Со тоа новвиот сопственик станува и инвеститор и започнува да ги исполнува обврските преземени во текот на постапката за стекнување со имотот преку меѓународен јавен тендер.
Во исто време, се одвиваат неколку активности од стратешко значење:
- Избор на нова технологија со цел производство на селективни концентрати на олово и цинк и целосна реконструкција на флотацијата (фабрика за збогатување на руда);
- Верификација на рудните резерви и донесување програма за понатамошни геолошки истражувања;
- Отпочнување со реконструкција на сите јамски капитални објекти и воведување технологија на вадење руда;
- Набавка на нова јамска опрема;
- Градежни активности на површина;
- Реорганизација и опремување на сите работни единици и служби во рудникот со воведување напредни технологии во нивното работење.
Таквите активности се одвивале со високо темпо и со многу прекувремена и тешка работа на сите вработени во рудникот. За нивната реализација во текот на 2006 година вложени се над 20 милиони евра капитални инвестиции (инвестиции во опрема, капитални објекти и долготрајни добра). Овие напори вродиле со плод, па веќе во месец јуни 2006 година, по определен период на пробни рударски активности, Рудник „Саса“ започнал со редовно производтсво со планираниот капацитет.