11 градоначалници од Источна Македонија на размена на искуства во Југозападна Бугарија

27. Јануари 2018 каменица.мк

Единаесет градоначалници од Источниот плански регион и претставници од повеќе министерства и од 25 до 27 јануари ќе ги посетат парковите на природата „Беласица“ и „Рилски Манастир“. Предвидена е и средба со градоначалниците на Петрич и Благоевград од Република Бугарија, со цел размена на искуства во однос на управувањето со заштитените подрачја.

Студиската посета е организирана преку Програмата за зачувување на природата во Македонија со цел клучните чинители од ИПР да се запознаат подетално со начините на кои се управува со заштитени подрачја со различни категории на заштита. Во оваа прилика градоначалниците директно од нивните бугарски колеги ќе имаат можност да слушнат за предизвиците и придобивките со управувањето со заштитените подрачја, управувачките структури како и за искуствата на локалното население коешто живее во парковите. Размената на вакви искуства ќе биде особено значајна во процесот на прогласување на нови заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница.

На средбите со градоначалниците од Петрич и Благоевград се очекува да се дискутира и  околу придобивките, предизвиците за развој на рурален туризам како и можноста за користење на дополнителни фондови кои ги зголемуваат економските придобивки на населението.

Извор. Телевизија Стар

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *