Хрватите држат до себе. Повторно загубија веќе “добиен” натпревар. Бронзата оди на градите на Словенците

Репрезентацијата на Словенија е освојувач на бронзениот медал на Мундијалот во Франција, откако во мечот за третото место славеше над селекцијата на Хрватска со 30:31. По вчерашниот пораз од Норвешка во тежок и исцрпувачки натпревар, избраниците на Бабиќ не собраа сили да одиграат на ниво и да ја добијат битката на некогашните ју-држави.

На стартот на натпреварот се играше гол за гол до 3:3, пред Хрватска да направи серија за предност од 5:3, Разликата на три ја зголеми трагичарот од мечот со Норвешка, Хорват, кој погоди за 7:4. Предноста од два до три голови, „каубоите“ ја одржуваа до 20 минута, кога младиот Марко Мамиќ стрелаше за дотогаш највисоки 12:8. Избраниците на Вујовиќ правеа несвојствено многу технички грешки во овој период.

Шанса во нападот на Словенија доби младиот Ник Хенигман кој постигна гол за 12:9, но Лука Шебетиќ покажа дека слабите партии се зад него и „испали“ два проектили за 16:11, а Хрватска стигна и до плус шест, 18:12, за на пауза да се замине со 18:13, откако Доленец стрелаше во мрежата на Стевановиќ.

Словенците отворија со серија од два гола во вториот дел за 18:15, но се чини дека тоа беше се на овој меч од избраниците на Вујовиќ. Хрватска возврати со нова серија голови за највисоки 22:15 во 38 минута и го направи натпреварот неинтересен, но само навидум. Тин Контрец донесе и плус 8, 24:16, пред Гребенц да намали на 24:17.

Пикерот Блаж Благотиншек постигна три гола по ред, стрелаше и Безјак за 27:23 на десет минути до крајот. Уште повеќе беше намалена предноста на „каубоите“ во 56 минута преку Цингесар во 29:27, а по грешката на Дувњак, Мачковшек погоди од полуконтра за 29:28, што беше знак за тајм-аут на Бабиќ.

Хорват погоди пречка, но Цингесар ја продолжи серијата за реми 29:29 во 57 минута и нова драма во Париз. Шебетиќ упати бомба во голот на Лесјак, но набрзина Јанц стрелаше за 30:30, а пресвртот го направи Мачковшек за водство со 30:31. Дувњак промаши во последниот напад за голема радост на Словенија и на Вујовиќ, кои го освоија бронзениот медал.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *