Франција го ратификува пристапниот протокол за НАТО за Македонија

Францускиот парламент претпладнево го изгласа Законот за ратификација на Протоколот за членство на земјава во Алијансата. Дебатата траеше нешто повеќе од час, а против беа единствено пратениците на комунистите и Непокорна Франција. Преовладуваше ставот дека земјава направила големи жртви, како промената на името, по што, само по себе се наметна и француското вето на македонските преговори. Додека Државната секретарка за европски прашања де Моншалан уверуваше дека Македонија има јасна европска перспектива, пратеникот на Социјалистите Ален Давид жестоко ја нападна Владата на Макрон и ја обвини за лицемерие.

-Навистина е парадоксално да се види парламентарното мнозинство како одлучно маршира за пристапување на С. Македонија во НАТО, во ситуација кога неколку недели претходно претседателот на Републиката (Макрон) им ја тресна вратата на оваа земја и на Албанија со одбивањето да почнат пристапни преговори со Европската Унија, вели Ален Давид, пратеник на Социјалистичката партија на Франција

Сега целото внимание е насочено кон Шпанија, која единствено остана да го ратифкува протоколот. Формирањето на владата во Мадрид останува неизвесно, пради неубедливиот резултат на премиерот Санчез на неодамнешните избори. Од македонската влада се надеваат дека наскоро ќе се надмине и последната пречка до полноправно членство.

-Првата информација беше оптимистичка, дека се собира мнозинство. Дилемата е дали ќе биде мнозинска или малцинска влада. Информации ќе имаме веднаш по Лондонскиот самит, во тој момент ќе биде одржана првата седница на шпанскиот Парламент. Има работи кои зависат од нас, но има работи кои не зависат од нас рече, Радмила Шекеринска, министерка за одбрана

Македонија и изминатите два дена беше тема на министерски состанок на НАТО во Брисел, а денеска свои очекувања изрази и американската амбасадорка во земјава, Брнз.

-Тоа е добра работа за САД, зашто како што кажа Секретарот Помпео вчера во Брисел, безбедноста на нашиот народ значи да и кажеме и добредојде на С. Македонија. Исто така е важно за С.Македонија, зашто тоа е нешто кон кое граѓаните на оваа земја долго време се стремеа, изјави Кејт Мери Брнз, амасадорка на САД

По одобрувањето на Протоколот во шпанскиот парламент, документот треба да биде ратификуван и во македонското собрание, со што Македонија и формално станува 30-та членка на НАТО. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *