Филмот “Северниот пол” снимен во Македонска Каменица влегува во трка за Златна палма во Кан

ВЛЕГОВМЕ ВО ТРКАТА ЗА ЗЛАТНА ПАЛМА И ОСВОИВМЕ НЕОСВОИВА ТВРДИНА, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА „СЕВЕРЕН ПОЛ“, ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ФИЛМ ШТО ЌЕ ИГРА ВО КАНПродуцентот Роберт Насков, режисерката Марија Апчевска-Петровска, актерката Антонија Белазелкоска и кинематограферот Влатко Самоиловски од кусиот филм „Северен пол“ што ќе се трка за Златна палма во Кан. (Фото: К. Попов)

Освоивме досега неосвоива тврдина за македонскиот филм, вели продуцентот Роберт Насков откако краткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска влезе во селекцијата за Златна палма на престојниот 74. Кански филмски фестивал. Краткиот „Северен пол“ е првиот македонски филм воопшто што ќе се трка за престижната Златна палма. Режисерката Апчевска-Петровска додава дека верува оти овој историски успех за македонската кинематографија нема да биде последен и дека ќе отвори врати и за други автори.

„Ова е историски успех за македонската кинематографија и за ‘Кино око’ бидејќи првпат македонски филм е селектиран на најголемиот и најпрестижниот филмски фестивал во светот. Филмот е еден од десетте избрани помеѓу 3.739 пријавени филмови. Исклучителна е честа да се биде дел од овој врвен светски филмски фестивал и да се претставува македонската кинематографија. Ова е уште еден голем успех во низата успеси на оваа генерација македонски филмаџии, од номинациите за Оскар и победите на други фестивали, и преставува потврда на талентот и креативноста на авторката Марија Апчевска-Петровска“, рече денеска Насков на прес-конфренцијата со екипата.

Видно возбудена, Апчевска рече дека се уште ѝ звучи неверојатно оти нејзиниот филм влезе во Кан.

„Премногу сум среќна за успехот на нашиот филм и бескрајно благодарна на сите кои ме поддржува во секој чекор“, рече таа.

Во продукција на „Кино око“ на Насков, по сценарио на Апчевска, во нејзиниот трет кус филм играат 17-годишната Антонија Белазелкоска и Лука Митев, а се снимаше во јануари на локации во Скопје и Македонска Каменица. Режисерката Апчевска вели дека приказната, што ја напишала во 2018, ја има темата за прифаќањето и изолацијата, со која се занимава во сите свои три филма.

Куриозитет е дека 15-минутниот филм е сниман на супер 16-милиметарска филмска лента, а не на веќе вобичаениот дигитален формат. На прашањето зошто го избрала тој формат, Апчевска вели дека сакала да го постигне тој органски квалиетет на сликата, која е зрнеста и личи малку носталгично.

„Многу сум задоволна од крајниот резултат иако самиот процес на снимање беше многу тежок, оти се снимаше на стара адаптирана камера, и поради технологијата немаш можност на монитор да следиш што се случува во кадарот, од играта на актерите до изгледот на сликата, туку мора сиот увид да го имаш на око и интуитивно да работиш“, вели Апчевска и додава дека не би можела да го сними овој филм без ветеранот Влатко Самоиловски, еден од најреномираните кинематографери во земјава.

Самоиловски рече дека иако се работеше во тешки услови, тој е многу задоволен од филмот, оти има атмосфера и емоција која брзо освојува и иако трае само 15 минути останува со гледачот.

17-годишната Антонија Белазелкоска е откритие на Апчевска уште од претходниот филм „Амби“ каде за првпат глумела како 12-годишно дете. Во меѓувреме, таа има улоги и во кусиот победник на Санденс „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, како и во дебито на Дина Дума „Сестра“. Таа вели дека секое искуство пред камера е посебно, но дека со Марија има извонредно разбирање и поддршка. Апчевска, пак, вели дека знаела дека ова е улога за Антонија уште кога ја напишала приазната и кога ја снимила во кусо видео за да се претстави на еден европски конкурс за поддршка на филмот, каде освои втора награда.

Во филмската екипа се и сценографот Кирил Спасески, костимографката Билјана Гргур, шминкерот Горан Игњатовски, монтажерот Драган Вон Петровиќ, дизајнери на тон се Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг директорка е Киријана А. Николоска.

На прес-конференцијата денеска, продуцентот Насков го откри и личното искуство со Кан.

„Пред 25 години првпат бев како турист во Кан и во книгата за впечатоци пред фестивалската палата запишав: Следниот пат ќе дојдам тука со мој филм. Си го одржав ветувањето“, рече Насков.

„Северен пол“ е копродукција меѓу Македонија, Србија и Унгарија. Копродуценти на филмот се Милош Љубомировиќ од „Сервиа филм“, Миодраг Поповиќ од „форГрејд“ и Петер Шекереш од „Тиволи филм“. Филмот е финансиски поддржан од македонската Агенција за филм со околу 35.000 евра на конкурсот во 2019, како и од Филмскиот центар на Србија.

Годинашната селекцијата куси филмови на Канскиот фестивал, меѓу кои и дела од Бразил, Данска, Кина, Франција, Хонгконг, Иран Португалија и првпат од Косово, ќе се прикаже на 16 јули, а победникот ќе биде објавен на свеченото затварање на 17 јули.

Во 1991, македонскиот режисер Митко Панов ја освои Златната палма за краткиот филм „Со кренати раце“, кој беше снимен во 1985, а во Кан учествуваше како филм од Полска затоа што авторот го сними додека студираше на Филмската школа во Лоѓ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *